Македонија
3. September 2015 - 18:12

Груевски: Досега инвестирани 43 милиони евра во катни гаражи

Во Македонија досега се изградени осум катни гаражи од кои повеќето во Скопје. Во поголем дел од нив инвестираше државата, а некаде инвестицијата е во соработка со локалната самоуправа и со Градот Скопје, рече денеска премиерот Никола Груевски.

Одговорајќи на новинарско прашање по посетата и увидот во градежните активности за изградбата на новото средно училиште во Сарај, Груевски информира дека во градба се уште три катни гаражи кои ќе бидат наскоро завршени, а дополнителни пет би требало да почнат да се градат бидејќи инвеститорите купиле локација и се подготвуваат да ја почнат градбата.

- Со оваа бројка во значајна мерка ќе се задоволат потребите за паркирање. Во овие изградени осум катни гаражи има околу 2.700 паркинг места, во дополнителните што се градат приближно околу илјада места и во тие пет што ќе се изградат уште дополнителни околу 2.000, истакна премиерот и најави дека следната недела ќе се отвори нова катна гаража „Тодор Александров“ спроти Министерството за финансии.

Оваа гаража, додаде, ќе биде една од поголемите, веројатно и најголема катна гаража во Скопје. Инвеститор е Град Скопје, а гаражата ќе апсорбира значаен дел од возилата што се во центарот на градот.

Груевски појасни дека има уште една катна гаража кај Музејот на холокаустот на Евреите од Македонија која треба да се заврши во ноември или декември годинава.

Воедно информира дека се продадоа повеќе локации и работите одат добро.

- Немавме ниту една катна гаража пред неколку години во Скопје или во Македонија, сега веќе имаме осум катни гаражи. Три се во градба и брзо ќе завршат, а за пет веќе приватни инвеститори купија локации и ќе почнат градба. Досега Владата, локалната самоуправа и Градот Скопје инвестираа 43 милиони евра за градба на катните гаражи и тоа е нашиот придонес во афирмирање на градба на катни гаражи кои очекуваме понатаму приватниот сектор да го продолжи, да го надгради и да стане тренд, рече премиерот Груевски и додаде дека очекува за неколку години да стане навика граѓаните да паркираат во катни гаражи како што е низ сите поголеми градови во светот.