Македонија
15. March 2023 - 16:36

Груби се гордее со коридорите, опозицијата бара итна истрага

И додека Македонија ја тресат корупциски скандали, вицепремиерот Груби на косовска телевизија одржа детална презентација за изградбата на коридорите 8 и 10д. Проектот за него е толку важен што вели – немам амбиции да бидат прв премиер Албанец, сакам граѓаните да ме паметат по изграбдата на овие историски автопатишта.

Немам амбиција да бидам првиот премиер Албанец на Северна Македонија, туку сакам да останам запаметен како по реализацијата на проектите од коридорите 8 и 10-д, односно за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и по воспоставувањето на врската Приштина-Скопје-Тирана. Кандидатот за премиер Албанец ќе го предложи лидерот на ДУИ, Али Ахмети и сигурен сум дека „нема да погреши во изборот“. Ова е проект на Али Ахмети за да ги урне табуата. Дојде време да се надминат предрасудите со изборот на албански премиер, рече Груби.

Опозицијата и денеска не се откажува од барање истрага за надзорот врз изградабата на коридорите. Сомнежите за руска вмешаност денеска ги презентираа од пред просториите на компанијата Електра Солушн во Велес, која од текстилен погон прераснува во надзор на најскапиот градежен проект во државата

Покрај Електра Солушн на синот Ампов, овде канцеларии има и Институтот за патишта Велес на таткото Ампов, кој е добитник на првиот тендер за надзор, кој заради руската врска беше поништен. Најсимптоматично од се е што во овие погони канцеларии има и Хрватската фирма со руски капитал ИГХ, која била носител на Конзорциумот со кој Институт за патишта Велес го добива и првиот тендер. Откако договорот помеѓу ИГХ и државата пропаѓа, се објавува нов, на кој наместо фирмата на таткото која се наоѓа зад овие погони зад нас, се јавува фирмата на синот, која исто така се наоѓа во погоните зад нас. Граѓаните може да видат дека се работи за текстилни погони. И така оваа фирма Електра Солушн со искуство во производство на долна облека, како што самите тврдат била контактирана од големи странски фирми за да учествуваат заедно на тендерот вреден 22 милиони евра за надзор, вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираат и помалите партии. Демократски сојуз бара државата да ги достави до Собранието сите досегашни активности, а јавните обвинители да отворат истагара за Македонија да не остане и без милионски суми и без патишта.

Од движењето БЕСА пак бараат стански фактор да ги истражи сомнежите за фирми со руски капитал и сопственици вмешани во криминали.

Од владата ниту денеска нема реакција на вчерашните информации дека 4 ангажирани лица за надзор на изградбата на коридорите ќе добијат паушали од по 300 000 евра, а 80тина експерти се ангажирани за месечни хонорари од 5000 до 27 000 евра.