Груби: Договорот со Бехтел и Енка е тајна и никогаш нема да се објави
Договорот со „Бехтел и Енка“ е државна тајна. Нема да го види никој бидејќи е класифициран на нивно барање. Примерок од него има само јавното обвинителство, рече вицепремиерот Груби. Документите нема да им ги дадат ниту на пратениците затоа што содржат бизнис тајни.
„Тоа е секаде каде што гради овој конзорциум. Така беше и во Србија и на Блискиот исток. Тоа не е ништо чудно.“ – Артан Груби, вицепремиер
Неговата колешка Грковска, пак, смета дека договорот не треба да се крие, освен ако нема таква пречка.
„Jaс не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор на стратешки договор од национален интерес. Не сум сигурна, ќе проверам дали има некоја клаузула која би го спречила тоа.“ – Славица Грковска, вицепремиер за добро владеење
На брифинг со новинарите, министерската тројка Груби, Бектеши и Бочварски убедуваше дека државата нема да плаќа пенали ако не ја зголеми работната недела од 40 на 60 часа, туку ќе плаќа повеќе пари оти ќе се гради подолго. Ако работниците градат по 10 часа дневно, тогаш автопатите ќе бидат готови за 4 години и 7 месеци.
„Ние сакаме проектот да чини поевтино и да се изгради побрзо. Во спротивно ќе чини повеќе и ќе се гради подолго време“ - Артан Груби, вицепремиер
Но, Груби не знаеше колку време плус ќе биде потребно за градба ако не се донесат законските измени, ниту колку пари ќе бидат потребни за тоа. Рече дека и првичната сума од 1,3 милијарди евра е само претпоставка.
Не одговори ниту дали дали 53-те милиони евра за кои ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе се плаќаат како пенали, всушност ќе бидат потребни како дополнителни трошоци за градба. Се правдаше дека не го знае договорот на памет.
Ама, иако слабо се сеќава на членовите и одредбите, одлично памти дека од поодамна се консултирале со поранешни уставни судии кои дале зелено светло да се направи исклучок и за одредени проекти работната недела да се зголеми.
За него не е спорно работниците да работат и во недела и со леснотија кажа дека ако не сакаат наши ќе работат странци, иако според закон, повеќе од половина од изведувачите треба да бидат домашни.
„Ако нема доволно работна сила ќе се увезува од странство. Никој не ги тера со сила.“ – Артан Груби, вицепремиер
Ништо спорно во 60 работни часа и работна недела не гледа ниту министерката за труд која во безброј јавни настапи се фалеше со „недела неработен ден“. За неа е во ред работникот да нема ниту одмор, оти градежништвото било специфична гранка.
„Неуставна одредба е ако донесеме право на сите работници, согласно законот за работни односи работното време е 40 часа неделно. Ние овде велиме за исклучителни проекти. Во градежништвото има процеси кои не дозволуваат одмор, туку додека не се заврши процесот да се работи“ – Јованка Тренчевска, министер за труд
Минатата недела со свеченост беше отворена табла за почетокот на градбата на коридорот 8, а веќе за 12 мај е најавена нова свеченост и за коридорот 10Д.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар