Македонија
27. August 2018 - 19:58

Гром удри во црква во Долно Српци

Синоќа, 15 минути пред полноќ, гром ја погоди црквата „Свети Теодор Тирон“ во селото Долно Српци во општина Могила. Искршени прозорци, стакло на сите страни, изгорена електрична инсталација. Ваква беше глетката која жителите утрово ја затекнаа внатре и околу црквата. Штета има и во околните куќи. Жителите на селото велат дека не паметат вакво невреме со толку силни грмотевици.

-Се оштети голем дел внатре, голем дел надвор, стаклата, ѕидовите. Се запали цела инсталација. Синоќа беше толку страшно, имаше толку силни грмотевици што не се излегуваше надвор. Кога дојдовме сабајле видовме дека е уништена црквата.

-Има доста електрични броила кои се запалени, многу беше лошо, не знам како да опишам, се гледа, страшно беше. Излегов околу два часот, видов дека жиците се усвитени, но немае каде да одиме, врнеше многу. Ова ни е храм на селото и многу ни е тешко.

Од црковниот одбор велат дека од Министерството за финансии им се дообрени 42.000 евра за денационализација, па апелираат до Владиката Петар да им излезе во пресрет.

-Известени се сите, и во Митрополија и попот кој ни е надолжност во селото, а господин Петар треба да ни излезе во пресрет кога министерството ќе ги префрли парите да ни ги префрли за реновирање на објектот, ќе бидат доволни за црквата и дел од оградата да се направи.

Црквата беше комплетно реновирана внатре и надвор пред околу 8 години.