Македонија
7. January 2023 - 16:38

Грипот продолжува да ја полни болницата во Козле

Се повеќе деца со грип завршуваат во болницата во Козле. Ако пред празниците дел од болничките капацитети биле испразнети, после Нова Година повторно гужви пред ординациите и чекање по најмалку половина час за преглед. 

Во вчерашниот неработен ден педијатрите прегледале повеќе од 170 деца и велат дека најмалите се најпогодени од сезонскиот вирус, а тоа го покажуваат и бројките од Институот за јавно здравје. 

-Да сега имаме поголем број на деца кога ги тестираме се покажува дека имаат грип. Сега грипот е речиси изедначен со респираторниот синцицијален вирус и симптомите се исти и за децата тоа ништо не значи, но ние правиме испитувања за да диференцираме, вели д-р Бесник Зеќири, директор на детска болница Козле.

Во моментот во болницата во Козле има 69 хопситализирани деца од кои 80 проценти се на возраст до три години. Дел од нив се и на кислородна поддршка поради клиничката слика. 

Повозрасните, според педијатрите доаѓаат на прегледи и добиваат терапија за лекување во домашни услови. 

-Единаесетиот и дванаесетиот месец работиме со преполнети капацитети. Зголемени се бројот на лекари кои дежураат, а имале зголемен персонал и во ординациите за да не се чека за прегледи, но толку можеме бидејќи прегледот бара и други анализи и рендген снимки, вели д-р Зеќири. 

Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје има 347 случаи на грип што е двојно повеќе од претходно анализираниот период. 

Засега земјата е со регионална раширеност на вирусот, а оваа сезона ИЈЗ регистрирал и двајца починати кои имале повеќе коморбидитети и не биле вакцинирани.