Грција задоволна од предлогот на ЕК за дигитален зелен сертификат

Задоволство од предлогот на Европската комисија за воведување дигитален зелен сертификат за патувањата во кој ќе бидат вклучени податоците дали лицето е вакцинирано или има негативен ПЦР тест или пак прележало Ковид-19, изразуваат грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министерот за туризам Харис Теохарис, потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас, но и туристичките федерации и здруженија во Грција, со оглед на тоа дека станува збор за грчка идеја и грчки предлог, јави дописничката на МИА од Атина.
-Нашата цел е да ја отвориме летната сезона околу 15 мај, а со оглед на тоа дека се очекува во вториот квартал уште повеќе граѓани од ЕУ да бидат вакцинирани, очекувам значително зголемување на патувањата. Според тоа задоволен сум што овој предлог е усвоен од Европската комисија и првично е прифатен од сите поголеми земји- членки на ЕУ, рече Мицотакис во интервјуто за Си-Ен-Ен.
Додава дека сертификатот ќе овозможи безбедно отворање на туризмот, објаснува дека голем дел од туристите во Грција доаѓаат од Унијата, па затоа е важно да се гарантира дека „патниците од ЕУ ќе можат да патуваат колку е можно полесно и без дополнителни ограничувања“, но и истакнува дека овој модел ќе се користи и за трети земји, споменувајќи го Израел како пример.
-Во однос на патувањата на граѓаните вон Европската унија, имаме намера да се движиме на сличен начин. Започнавме со Израел бидејќи Израел вакцинираше над 50 отсто од популацијата. А Грција е популарна дестинација за туристите од Израел. Имаме намера оваа практика да ја копираме и со други земји кои не припаѓаат на Европската унија и очекувам дека ова ќе биде главната алатка што ќе ја користиме со цел да ги олесниме патувањата, објасни Мицотакис за Си-Ен-Ен.
Потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас, за грчката телевизија Антена, говорејќи за „зелениот пасош“ рече дека „амбицијата е да не се загуби летото“.
-На Самитот за осум дена шефовите на држави и Влади ќе разговараат за параметрите за употреба на сертификатот и сметам дека ќе бидеме подготвени пред летото, рече Схинас и додаде дека со фактот што за два месеци, идејата стана предлог, дава надеж дека „предлогот набргу ќе стане одлука“.
За вчерашниот предлог на ЕК, задоволство изрази и министерот за туризам на Грција Харис Теохарис кој рече дека дигиталниот зелен сертификат е „неопходно и рационално решение“, кое ги почитува личните податоци, но и „основното право на европските граѓани за слободно движење“.
-Сертификатот за вакцинација одлучувачки ќе придонесе за рестартирање на туризмот и ќе го забрза процесот на враќање во нормала на животите на сите нас, истакна Теохарис.
Паралелно, предлогот на ЕК го поздравија и од Федерацијата на грчките хотелиери, како и од Здружението на грчки туристички бизниси.
Ново на Сител
-

Тројца актуелни или поранешни директори на ЈЗУ вратиле по 500 илјади денари што ги земале врз основа на неправилна пресметка на плата
-

Евростат: Дизелот во ЕУ во март поскапе речиси 20 отсто
-

Зголемен број на деца со респираторни инфекции во Куманово, дневно по околу 80 прегледи
-

Клековски: Се разгледуваат можности за здравствено осигурување на лица под 18 години, за доставувачите на храна и за т.н. „фриленсери“
-

Астрономот Николај Железнов: Во овој момент во Сончевиот систем не постојат астероиди кои претставуваат реална закана за Земјата, но во иднина е можно да се појават
-

Клековски: Нема категории граѓани кои не се покриени со здравствено осигурување
-

Царинска управа: Годинава за 11 милиони евра зголемена наплатата од увоз на тутун, во акции спречени осум обиди за шверц
-

Над 230 основци од Скопје учествуваа на креативен и едукативен настан „Зеленикс – од предизвик до иновација”
