Балкан
27. August 2015 - 10:19

Грција влегува во предизборен период

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос денеска треба да го почне процесот за одржување втори предвремени избори во Грција годинава.

Лидерот на Популарно единство Панајотис Лафазанис околу пладне ќе го врати прелиминарниот мандат што го доби од претседателот. Потоа ќе следат низа настани кои ќе резултираат со создавање привремена влада и одредување датум за изборите.

Некои медиуми коментираат дека Павлопулос веројатно нема да се обиде да свика состанок на лидерите на партиите за да се испита дали е можно да се формира влада од сегашниот Парламент. Премиерот Алексис Ципрас и неговиот коалициски партнер, министерот за одбрана Панос Каменос, јасно ставија до знаење дека не се заинтересирани за учество во такви разговори.

- Треба брзо да се движиме кон избори на 20 септември, за да може владата да продолжи со својата работа, и да се движиме кон иднина со стабилност, рече Каменос.

Очигледната неподготвеност на Павлопулос да свика лидерска средба ги обесхрабри опозициските партии, особено Нова демократија, коментира „Катимерини“. Сепак, поранешниот министер за финансии, Евангелос Венизелос, кој е уставен експерт, посочи дека претседателот ќе дејствува во рамките на правилата и ќе го повикува секој лидер поединечно, наместо на заеднички состанок.