Балкан
5. November 2015 - 8:57

Грција го вклучи алармот поради бегалците: Нема да ја отвори границата во областа Еврос

Грчкиот премиер Алексис Ципрас испрати порака за спас на грчките острови и бегалците. - Чувствувам срам поради неспособноста на Европа да се справи ефикасно со оваа човечка драма, рече тој во Парламентот.

Заштитните ѕидови кои се подигаат во европските држави за да ги запрат бегалските каравани и дискусиите на средбите на врвот на кои „секој се обидува да ја префли топката во полето на другиот“, се закана да ја претворат Грција во бескрајно гето за бегалци. Грција тешко би можела самата да се справи.

Но, Ципрас верува дека може да биде создаден општествен фронт со помош на локалната самоуправа и црквата, за да се зачува социјалната кохезија на граничните острови во земјата, кои се подложени на невиден притисок од миграциските текови.

За таа цел, неделава се организира средба на премиерот со градоначалниците и митрополитите на пет егејски острови (Лезбос, Лерос, Иос, Кос и Самос) за да бидат разгледани проблемите и да се најдат неопходните решенија. За мерките кои ќе бидат преземени на островите, се обезбедени финансии во висина од 500 милиони евра од европските фондови.

Во тимот на премиерот признаваат дека недостигот од инфраструктура е огромен проблем кој треба да биде решен што е можно најбрзо. Владата проценува дека бегалците не се само проблем, туку и шанса Грција повторно да застане на европската сцена, но исто така и за зголемување на нејзината геополитичка цена.

Грција може да се претвори во корисен партнер - тоа треба да е улогата на земјата, а не ролја на просјак и сиромашна татковина која само бара дополнителни средства. Потребна е активна улога, улога на рамноправен партнер и главно активно лице, не само за бегалскиот проблем, туку и по сите прашања кои се однесуваат на менаџирање со мноштво кризи, во кои заради географската положба земјата потпадна во окото на циклонот, одговори Ципрас во Парламентот на прашање од Јоргос Кумуцакос, пратеник од главната опозициска партија Нова демократија.

За самиот премиер, бегалскиот проблем е и бреме и предизвик. Во Кабинетот бараат решенија и коалиции за суштината на проблемот. Неделава бегалскиот проблем и финализирањето на првата оценка на кредиторите за грчката програма се два приоритети кои стојат на челно место на дневниот ред на претседателот на Владата.

Во среда и четврток во посета на Грција престојува претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.

Во штабот на премиерот проценуват дека забележливото пирближување меѓу Атина и Берлин по проблемот со бегалците ќе ги смири Волфганг Шојбле и јастребите од северна Европа и ќе ги натера да бидат повоздржани и повторно да не го поставуваат на маса за „грекзитот“ (излегувањето на Грција од еврозоната).

Предупредувањата од германска страна дека Атина не може да го обврзува бегалскиот проблем со новиот кредитен договор или со барања за кратење на нејзината антикризна програма, беа сигнал за аларм.

На средбата со еврокомесарот Валдис Домбровскис, грчкиот премиер рече „дека не може од една страна да се бара од Грција да ги исфрли од домовите оние што не ги платиле даноците, а од друга да прима во станови илјадници бегалци“.

Ципрас верува дека Владата е исправена пред тешки четири месеци во кои треба да изготви и реализира исклучително болни мерки за економијата и реформите. Дали секој член од Кабинетот и пратениците ќе издржат под тој притисок?

Сето тоа се случува во момент кога десетици бегалци се удавија во Егејско Море минатата недела, од кои повеќето беа деца. На основа на таа нестивнувачка трагедија се повеќе се множат барањата меѓу кои и оние од младинската организација на владејачката партија Сириза, за отстранување на жичаната ограда во северногрчката област Еврос, за да можат бегалците да минуваат кон Грција и да се избегнува нивно опасно патување од турскиот брег.

Министерот за мигарциска политика Јанис Музалас засега ја отфрла таа можност. Има прашања од техничка природа кои во оваа фаза не дозволуваат да биде реализирана една таква идеја и границата со Турција во областа Еврос да биде отворена, рече тој.

Но министерот додаде и дека Владата непрекинато разгледува алтернативни решенија, во кои е вклучена и областа Еврос.

Според Високиот комесаријат за бегалци на ОН од почетокот на годинава од турскиот брег кон грчките острови во Егејско Море преминале 580.125 лица, а 94 отсто од нив биле бегалци. А секој еден на четворица од нив кои се обиделе да тргнат на такво ризично патување, биле деца.

Грција, но исто и Европа, се надеваа дека влошувањето на времето ќе го запре бранот бегалци. Но, реалноста го покажува спротивното. Бегалскиот прилив се зголеми во октомври. Минатиот месец на островите во земјата пристигнале 189.311 лица, додека во септември тој број изнесувал 156.357, во август 107.843, а во јули 51.961, велат од Комесаријатот.

Многу од бегалците во Грција доаѓаат директно од Сирија, минувајќи транзитно неколку дена преку Турција.

Занчителниот пораст на овој прилив се должи на ескалацијата на конфликтот во Сирија, каде напаѓа секој секого кој претстевува закана за неговите геополитички интереси: Американците - џихадистите, Турците - Курдите, а русите, кои влегоа во играта на крајот на септември, ја бомбардираат умерената опозиција.

Неодамнешниот пораст на бегалскиот прилив се заснова на фактот дека Русите го бомбардираа Алепо. Ако џихадистите станат закана за Асад, бранот бегалци ќе порасне.