Грција ги отвори сите гранични премини кон Македонија
После една година денеска се отвори Граничниот премин Ники – Меџитлија кој беше затворен за секаков вид сообраќај од 22 јули минатата година. Tој ќе биде отворен 24 часа и за патничкиот и за товарниот сообраќај. Но иако пред ковид пандемијата во летна сезона дневно имаше и до 10.000 патници во двата правци на овој премин, денеска имаше слаб проток на возила.
-ГП Ники – Меџитлија се отвори во 1 часот после полноќ. Денеска има слаб проток на возила, 95 извршиле излез, 55 влез до 15 часот. Нема поминато ни 24 часа од отворањето на преминот, се уште луѓето се информираат, очекуваме наредните денови да се зголеми протокот на возила и патници, изјави Илче Петковски, командир на Граничен премин Меџитлија.
Инаку во Грција може да се влезе со сертификат за вакцинација, 14 дена после ревакцинација, или со негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето, или брз антиген тест направен 48 часа пред патувањето, или потврда за прележан коронавирус, важноста на документот издаден 30 дена по првиот позитивен резултат е до 180 дена по позитивниот резултат, а не од два до девет месеци како што беше претходно, како и пополнет PLF формулар, кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
