Македонија
27. December 2021 - 19:38

Граѓаните во поддршка на државните архиви

Се повеќе граѓани своите приватни колекции и архиви, од документи, фотографии и предмети ги донираат на прилепскиот архив. Документи и фотографии за Народниот херој Рампо Левката, сите признанија на борецот од НОБ Димче Дабовски, стари документи за прилепската чаршија од семејството Клисароски, документи за Душко Наумоски, човекот кој го уби стражарот на бугарскиот Участок и го започна востанието на 11 октовмри 1941, се само дел од најновите материјали донирани на архивот со кои се збогатува и докомплетира нашата историја.

„Со тоа ги дополнуваме и сите информации кои ни недостасуваат во било кој поглед во историјата. Всушност го создаваме мозаикот на комплетност на документација преку тие фондови“, изјави Елена Чагороска, директор на прилепскиот архив. 

Денеска по повод 66 годишнината од прилепскиот архив Ставре Шапе од Крушево донираше голем број фотографии, меморари и документи за неговиот дедо, војводата Никола Шапрдан.

„Овие материјали во иднина може да ги искористат и идните истражувачи на Илинденската епопеја и Крушевската република и да создадат нови научни трудови за незавиноста на Македонија“, додаде Ставре Шапе, донатор на материјали во прилепскиот архив. 

Марија Белакапоска пак, внука на Слободан Михајлоски, познат прилепски уметник, донираше негови слики и материјали поврзани со него.

„И ова да бидие поттик да ги даваат личните предмети, за личности кои што дале свој придонес за градот Прилеп, од областа на медицината, културата, уметноста, спортот, образованието, науката“, рече Марија Белакапоска, донатор на материјали во прилепскиот архив. 

Архивот од Прилеп се надева дека во 2022 година ќе ги збогати своите документи преку вакви приватни архиви особено за Илинденскиот перод кои доследно ќе сведочат, за нашата историја, култура и традиција.