Македонија
25. November 2018 - 17:14

Граѓаните сликаат и снимаат загадувачи кои за државата се невидливи

Граѓаните сами изнаоѓаат начини како да се справат со енормното загадување. Бројните фотографии и видеа кои беа објавувани по социјалните мрежи сега ќе бидат сместени на една интеркативна мапа на загадувачи. На апликацијата Мој Воздух од сега секој граѓанин може да пријави кој, каде и како загадува. Пријавувањето е едноставно и се одвива во три чекори. Со прикачување на фотографијата се впишува и локацијата на видливи загадувачи. Жариштата на загадување се маркирани со црвено на мапата и под секоја фотографија стои кога е објавена. За само 24 часа пријавени и маркирани се 20тина загадувачи. Најголем број од нив се во Скопје. До сега пријавени се диви депонии и чад кај Вардариште, под скопското Кале на кејот од Вардар, Железара, цементарница Усје. Маркирани се загадувачи и во Миладиновци, Куманово, Пробиштип , Кавадарци.

Граѓаните претходно најавија тужби до државата поради загадување, реагираа на средствата од новата стратегија за чист воздух. На социјалните мрежи најавија и бојкот на наставата бидејќи загадувањето со штетните ПМ честички е постојано неколку пати над дозволениот праг иако за овие информации граѓаните не дознаваат навреме бидејќи неколку мерачи на воздух веќе со месеци не функционираат.

Додека граѓаните бараат начин како да се изборат со штетниот воздух , надлежните и оваа сезона  работат на изнаоѓање решенија а политичките партии си ја префрлаат вината едни на други.  Опозициската ВМРО ДПМНЕ ја обвинува власта дека не реализирала ниту една мерка иако ветувањето за чист воздух било дел од нивната изборна програма.

- Зоран Заев и Петре Шилегов не реализираа ниту еден проект за подобрување на квалитетот на воздухот. Додека беа во опозиција ветуваа дека по смената на власта воздухот ќе се подобри магично. Еве и речиси после 2 години не знаат кај тераат. Тие имаат пари и наместо да најдат начин како да се справат со загадувањето тие трошат милиони за луксузирање

Од владејачката СДСМ соопштија дека се преземаат низа мерки за решавање на проблемот кој 11 години бил игнориран од претходната власт. Во реакцијата се наведени 12 мерки кои ги преземал градот Скопје за чист и зелен град.

- Покрај мерките коишто ги преземаат институциите на централно ниво, и Градот Скопје на овој наследен проблем му пристапува стратешки и реализира мерки во сите области кои се детектирани дека придонесуваат во загадувањето на амбиенталниот воздух.