Граѓаните на Шуто Оризари се решени ѓубрето од дома да го однесат пред Град Скопје, вели Османовска
Советниците на Шуто Оризари следната недела на седница ќе бараат решение за ѓубрето низ општината. Советничката Османовска вели граѓаните се незадоволни и бараат протести, па дури и да го однесат ѓубрето пред бараките на Град Скопје.
„Кога плаќаш сметки, нормално како и секој граѓанин си ја бараш и услугата. И нормално дека секое недобивање на услуга може да предизвика поголеми проблеми во секојдневниот живот. Тоа го гледаме во општина Шуто Оризари во изминатите неколку месеци, кој е резултатот од тоа недобивање на услуга. Затоа граѓаните се веќе свесни и бараат порадикални акции во однос на решавање на овој проблем. Решени се своето домашно ѓубре да си го земат и да го однесат пред канцелариите на Град Скопје. Јас можам да кажам од мое лично име, јас сум спремна и да ги поддржам во нивните акции“- Фатиме Османовска, член на совет на Општина Шуто Оризари.
Градоначалникот Дудуш вчера за Сител кажа дека ѓубрето не се собира втор месец, откако граѓаните протестираа пред Град Скопје поради лошиот јавен превоз. Тој ги организирал општинските служби да го изнесат отпадот од улиците и да го однесат на негово земјиште, па му пишале казна од над 50 илјади евра.
Од Комунална Хигиена вчера рекоа дека сметот се собира секој ден, а Дудуш незаконски поставил отпадни садови кои е должен да ги собира сам.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар