Македонија
11. November 2016 - 11:04

Градоначалникот Панов се сретна со жителите на Ваташа и Глишиќ

Градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов синоќа се сретна со жителите на кавадаречките села Ваташа и Глишиќ. 

Пракса на Панов е при крајот на секоја година да се среќава со жителите на Кавадарци со цел да ги слушне нивните барања за следната година.

- Ги сублимиравме барањата на нашите сограѓани. Барањата на жителите на селските месни заедници се најчесто од сличен тип со оние од урбаните заедници. Тука спаѓаат комуналното уредување на делот од патната инфраструктура, тротоарите. Добро е што во некои од селата, како што се Сопот и Бегниште завршивме со барањата од патната инфраструктура. Има некои ситни делови или краци од улиците кои треба да се доправат наредната година, информира Панов.

Тој соопшти дека има и такви барања од жителите на руралните средини, кои не се во надлежност на локалната самоуправа. 

- За нив, ние како своевидни менаџери на општината, си зедовме обврска да ги изменаџираме и со владините институции и со сите субјекти, со кои тие имаат релации. Такво е на пример барањето на луѓето од Бегниште да им се укине радиодифузната такса затоа што не гледаат никаква телевизија, поготово Македонска радиотелевизија. Тоа е разумно барање и од моја страна ќе биде проследено, рече Панов.

Грдаоначалникот на Кавадарци информира дека на средбите граѓаните пројавиле интерес дали ќе има дополнителни субвенции. - Им одговорив потврдно, меѓутоа, скалата или рангирањето не знам како точно ќе биде, рече Панов. Додаде дека разговарале за гасификацијата и за градбата на првиот автопат или брзиот пат кон Прилеп. 

На крајот од секоја година, Панов се среќава и со жителите од урбаните месни заедници, при што тие го информираат за нивните потреби и приоритети.