Македонија
6. March 2019 - 13:46

Градоначалникот на Струмица им го предаде клучот од градот на карневалистите

Во наредните осум денови, за времетраењето на годинашните карневалски празнувања, со градот ќе раководат струмичките карневалџии. Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски на претседателот на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов му го предаде клучот од градот и со тоа на симболичен начин беше означен почетокот на годишните осум дневни карневалски празнувања во Градот под Царевите Кули.

-Драги карневалџии, клучот на градот од денес е Ваш. Чувајте ми ја Струмица и отворете ги сите нејзини влезни врати, за сите добронамерници од земјата и странство. Овој град не е голем колку што е голем, ами е голем колку што може да собере гости. А кога ќе ми го вратите клучот, сакам на него да бидат прикачени илјадници насмевки од карневалските свечености, рече градоначалникот Јаневски.

Претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов се заблагодари за укажаната доверба.

-Во изминатите години успеавме да се забележиме на светската карневалска мапа. Светските медиуми секогаш го бележат Струмичкиот карневал. Ветувам тука пред сите дека заедно со карневалџиите ќе направиме се да пружиме едно незаборавно издание на Струмичкиот карневал, рече Цицимов.

На отворањето на годинашните карневалски празнувања во Струмица беа подигнати и знамињата на државата, ЕУ, FECC и карневалското знаме.