Македонија
6. September 2019 - 12:49

Градоначалникот на Охрид најави градежни активности на инфраструктурни проекти во градот вредни 65 милиони денари

Механизација на градежното претпријатие „Илинден“ денеска почна со активности за целосна реконструкција на улицата „АСНОМ“ во Охрид, од кружниот тек на булеварот „Туристичка“ до пресекот со улицата „Карпош Војвода“, инвестиција вредна речиси девет милиони денари.

Притоа целосно ќе се реконструира коловозот на сообраќајницата, нивелирање на шахтите и сливниците за атмосферска вода, како и целосна замена на бетонските рабници, активности предвидно да завршат за два месеци.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески најави дека со завршувањето на главната летна туристичка сезона во градот, време што било искористено за завршување на неопходните тендерските постапки, следуваат градежни активности на повеќе инфраструктурни проекти за кои се обезбедени 65,8 милиони денари.

Предвидена е санација на ударни дупки низ сообраќајниците во градот со површина од 4,5 илјади метри квадратни, асфалтирање на тесни улички со вградување 1,550 тони асфалт, изградба на фекална канализација во населбата Рача, приклучоци кон канализациската мрежа на делови на прииградските населби Лескоец, Лакочереј и Велгошти, потоа тампонирање на улици, изградба на потпорни ѕидови во Стар град и населба Елшани, изградба, реконструкција и поплочување на тротоари во површина од пет илјади метри квадрати.

Потоа ќе биде извршено опремување на девет автобуски постојки, поставување велосипедски паркиралишта, реконструкција на големата сала и скалите на општинската зграда, уредување пешачка патека на улицата „Коста Абраш“ со замена на плочките, односно уредување на малиот плоштад „Табана“.

Повторени и при крај се тендерските постапки за поставување нови кровни конструкции на ОУ „Христо Узунов“ и подрачните училишта во Елшани – Коњско, како и во Лескајца. Реконструкција ќе има и на кровната конструкција на охридската гимназија.

Наскоро ќе почне и целосна реконструкција на улицата „2“ што води од автобуската станица кон поранешната касарна во Охрид.