Македонија
4. October 2018 - 16:34

Градоначалникот на Ново Село имал условна казна за кривично дело, обвинителство бара да замине в затвор

Обвинителството во Струмица бара отповикување на условната осуда  за градоначалникот на Ново  Село Боро Стојчев  и  негово упатување  на издржување казна затвор од две години за кривично  дело за кое бил осуден во 2015 година. 

Од струмичкиот суд потврдија дека пред два дена предлогот бил доставен до нив , истиот вчера е распореден , а од  денеска и даден на кривичен совет. Се работи за осуда за кривично дело проневера во службата  кое Стојчев  го сторил во 2010 година, а бил осуден во 2015   на условна затворска казна од две години доколку не го повтори делото во наредните четири.

Пред осум години Стојчев  како законски застапник на ловното друштво Елен од Ново Село според тогашното обвинение присвоил 998 000 денари, пари кои од сметката на здружението ги префрлил на сметка на фирма во сопственост  и под управителство на неговата сопруга.  До  време на судењето тој ги вратил парите, но  го признал делото при што е осуден  на две години затвор со услов да не го повтори за четири години.

За ова кривично дело условната казна истекува на 30 април следната година.

Боро Стојчев кој од минатата година застана на чело на општина Ново Село на 10 јули годинава  кај селото Баделен кај див граничен во близина на македонско бугарската граница беше фатен во обид за шверц на цигари. Заедно со него беа приведени уште четири лица меѓу кои и членови на неговото потесно семејство. Во акцијата полицијата  заплени  66 картонски кутии со околу 3300 штеки цигари во вредност од над 3 милиони денари. 

За ова кривично дело струмичкиот суд го осуди на казна затвор од 18 месеци . По жалбата од страна на неговата одбрана Апелациониот суд во Штип ја намали  казната на шест месеци затвор.