Македонија
28. December 2020 - 14:31

Градоначалникот на Лозово: Јас имам шпорет што ќе ми е уште еден, и скутер да се паднеше ќе го дониравме

Завчера во Домот на културата во Општина Лозово се одржа традиционалната предновогодишна манифестација по повод денот на општината. 

„Без лажи и преваре! Ни најмалку ни најмногу шпортетот го доби ќерката на нашиот градоначалник Аце (Ацо Велковски)!“, вака водителката на лотаријата соопшти кој ја добил наградата.

Видеото од доделувањето на наградата се прошири на цоијалните мрежи,а предизвика лавина реакции од јавноста.

Во врска со овој настан се огласи, градоначалникот Велковски за Фокус изјави дека сакал да ги расположи граѓаните со забавна програма, и покрај тоа што е пандемија и се слушаат само лоши вести, и жали што многумина грешно го протолкувале настанот.

-Јас имам три деца, тие живеат и учат надвор од земјава. Си дојдоа за празниците, а лозовите за наградната игра се продаваа во населбата, сите купуваа. Така, и моите деца си купија по еден лоз. Кога Вероника беше извлечена како среќен добитник, веднаш знаев што може да следува, затоа и ја пратив среде манифестација да појасни дека шпоретот ќе го донираме – појаснува Велковски.

Вели дека главната награда била скутер, се доделила и микробранова печка, телевизор… Тврди дека дури и скутерот да го добиело некое од неговите деца, истиот ќе бил дониран, без размислување.

-Јас имам шпорет, што ќе ми е уште еден? И скутерот да се паднеше, и него ќе го дониравме, бидејќи некој ова го користи како негативна кампања против мене. Веќе трета година по ред пред празниците ги посетувам сите социјално загрозени семејства, им носам пакети, така и во наредните денови таа традиција ќе продолжи, а ќе ви пратам и точни детали за семејството кое ќе го добие шпоретот. На предлогот Атиџе Муратова од ,,Медена земја”, која е од нашата општина, да го добие шпоретот, информиран сум дека таа веќе има шпорет, затоа ќе биде подарен на друго семејство. Ете, тоа е чиста среќа, така се погодило, што треба да правам? –вели градоначалникот.