Македонија
11. November 2019 - 15:59

Градоначалникот Богоев на УНИЦЕФ конференција во Атина

Детската заштита, создавање подобри услови во предучилишното образование, споделување практики и унапредување на положбата на младите во заедницата, се главни теми на дводневната конференција на градоначалници што се одржува во Атина, Грција, во организација на УНИЦЕФ. Како резултат на направената работа и лидерство на полето на детска заштита, а на покана на УНИЦЕФ, на конференцијата присуствува градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

Како што соопшти денеска Општина Карпош, градоначалникот Богоев ќе ги сподели искуствата од Карпош, при што ќе се осврне на зголемувањето на капацитетите во градинките (новите современи објекти на градинки во Бардовци и Тафталиџе 2), воведување здраво мени за исхрана, како и играчки, дидактички материјали кои имаат за цел уште во раното детство да ги развиваат когнитивните вештини кај најмладите.

На коференцијата денеска ќе се зборува и за Конвенцијата за правата на детето, со што се одбележуваат 30 години од нејзиното донесување, како и за креирање градови, заедници кои се функционални за децата и младите. Ќе се дискутира и за тоа како градовите да станат атрактивни за младите, потребата и начини на финансирање на локални услуги за деца и семејства, развивање на инклузивно предучилишно образование и воведување на процес на рано учење.

На вториот ден од Конференцијата, како што се наведува, ќе се споделат практики и за зголемување на младинското учество на локално ниво. На оваа тема, Општина Карпош предвидува рестартирање на Младинскиот совет, кој ќе се формира по донесувањето на новиот Закон за младинско учество, кој е во собраниска процедура. Општината и тековно ги мотивира младите, со финансиска поддршка на проекти на младински организации и стипендии за талентирани ученици и спортисти.