Град Скопје: Славески и рече да седи во магарешка клупа, Арсовска му рече дека е ситен крадец
Растат тензиите во град Скопје. Микрофонот повторно беше виновен за прекин на седницата на градскиот совет. Откако Славески го извади преносниот микрофон, на поставените прашања Арсовска одби да одговара од место и застана на говорница со личен микрофон. По ова настана жестока расправија.
15 минутната пауза не ги излади односите, па препукувањата меѓу Арсовска и Славески продолжија со разменување на навреди.
Градоначалничката во полиција пријавила дека микрофонот е украден, но проверките на МВР утврдија дека пријавата е лажна. Возило на брза помош, пак, однесе вработена во градот во влошена здравствена состојба. Нејзиниот син, видно револтиран, упати критики до градските власти.
Во меѓувреме, од Град Скопје побараа Славески итно да си поднесе оставка. Против него поднеле претставка до министерството за локална самоуправа и до инспекторатот, поради прекршоци на Уставот и Деловникот на градот.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поддржува Славески. Оттаму велат: Згрозени сме од недоличното однесување на Арсовска, која е пример како не смее да се однесува јавен функционер.Да посветуваше толку внимание на работа и проекти, немаше Скопје да биде руиниран град. ВМРО-ДПМНЕ не сака и нема да биде дел од циркузот на Арсовска, стои во реакцијата.
Нова седница на советот на Град Скопје е закажана за 14-ти ноември.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
