Македонија
21. јуни 2018 - 14:55

Град Скопје наградени 63 ученици од средните училишта

Градот Скопје денеска награди 63 учениците од средните училишта кои што постигнаа најдобри резултати на скопските регионални натпревари. Во  текот на учебната 2017 и 2018 година реализирани се натпревари по информатика, математика, германски јазик, англиски јазик, хемија, географија, физика, француски јазик, биологија, предмети од електротехничката, сообраќајната, машинската струка и латински јазик.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на учениците им честита за освоените награди и им порача дека градот ќе поддржува вакви успеси бидејќи, како што рече, на Скопје му требаат силни личности кои нема да веднат глава и гордо ќе се борат за своите права.

- Памтете ги овие ваши успеси, ќе дојде ден кога ќе бидете многу горди на нив, продолжете по патот по кој веќе чекорите и инвестирајте во знаењето, само така ќе бидете свои на своето, им порача Шилегов на учениците. 

Градот Скопје обезбеди  финансиска поддршка на средните училишта-домаќини на регионалните натпревари (Скопски регион), како и парични награди и благодарници на највисоко рангираните средношколци од средните училишта на подрачјето на Град Скопје кои освоиле едно од првите три највисоко рангирани места на натпреварите на регионално ниво.

Оваа година градот доделува и благодарници и на 12 акредитирани здруженија, како и на менторите на наградените ученици, со цел јавно признание за успесите кои ги имаат постигнато за организација на натпреварите.