Македонија
5. March 2020 - 13:15

Град Скопје ја продолжува кампањата за спречување палење на стрништа

Град Скопје и годинава ја почнува кампањата за спречување палење на стрништа преку бесплатно собирање на остатоците од берба. Кампањата ќе излезе од административните граници на главниот град и ќе го опфати целиот Скопски плански регион.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција потсети дека лани оваа кампања првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и биле постигнати одлични резултати.

– Тоа не охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Во текот на 2019 година бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација нудиме можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад, рече Шилегов.

Тој посочи дека Град Скопје е прва единица на локална самоуправа што спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата и да се спречи ширењето на евентуални пожари.

– Како што најавивме лани, и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава ќе се вклучи во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури. Овој месец беше одбран како најповолен за пролетен старт на оваа кампања, рече Шилегов. Изрази благодарност до Халк Банка која годинава се вклучи со поддршка на промотивните активности на оваа кампања, до вработените на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ и до граѓаните.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски ги повика и преостанатите општини да се приклучат во кампањата.

– Ние, како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство постојано сме на терен, во директна комуникација со земјоделците и ја користиме секоја прилика да им укажеме на штетноста од палењето стрништа со цел да ја подигнеме свеста за заштита на животната средина. Повторно апелираше до земјоделците од целата држава да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, за да се даде максимален национален придонес кон намалување на загаденоста на воздухот и заканите од пожари. Земјоделците од Скопскиот плански регион ги повикувам да продолжат да се јавуваат во Градот Скопје за бесплатно собирање на стрништата, рече Димковски.

Џефри Ли, од невладината организација МДЦ-Ти.нет информира дека овој проект годинава ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Град Скопје.

– Компостирањето на остатоците од берба има повеќе придобивки за животната средина, за самото земјоделско производство и за спречување на загадувањето, рече Ли.