Македонија
27. December 2018 - 16:44

Град Скопје ги прогласи најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител

Град Скопје денеска традиционално ги додели наградите на најдобриот пожарникар, полициски службеник и крводарител во 2018 година.

За најдобар пожарникар е прогласен Елвис Далипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а за најдобар полицаец Бранимир Китаровиќ, вработен во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје. Истакнат крводарител за 2018 година е Тони Ставрески, кој до својата 50-година дарувал 102 пати крв.

Наградите ги додели градоначалникот Петре Шилегов, кој истакна дека хуманоста е општествена вредност и оти Градот Скопје како град на солидарноста ги негува традициите на хуманост и солидарност.

– За таа цел Град Скопје дополнително ги мотивира оние што најмногу придонеле за промоција на хуманоста со своите дела и доделува награди за најдобар полициски службеник, пожарникар и крводарител. Сметам дека  оваа награда  освен за лична мотивација, ќе послужи и како добар пример во средината во која живеете и работите, истакна Шилегов.