Бизнис
19. October 2018 - 20:32

Големиот род на јаболко ја симна откупната цена

Ако минатата година мразот ги остави без јаболка, оваа година има вишок индустриско јаболко  заради градот кој ја зафати Преспа, а на одредени површини пак каде немаше град, родот е абнормално голем со солиден квалитет. Преспанските овоштарите се соочуваат со недостиг на амбалажа.

- Тоа вешто го користат трговците и цената ја симнаа од 15-16 денари во почетокот на 6-7 денари сега во моментот, за екстра квалитетно јаболко. Во немање излез овоштарите во Преспа ги продаваат и по било која цена. А од друга страна иако имаме интервентна мерка од страна на владата за субвенционирање со 3 денари за индустриско јаболко, најавија дека цената ќе биде денар и пол,  сега во моментот е еден денар. Тоа не ги покрива основните трошоци за берба, вреќи и слично, вели ЉУБЕ ПАМПУЛЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ОВОШТАРИ ВО ПРЕСПА.

Заради ова јаболката можно е да останат во овоштарниците.

- Во првиот случај со индустриското јаболко заради немање финансии да ги соберат и да ги однесат до откупните места овоштарите би останале, зашто тоа чини одреден трошок, а тоа не го покриваат со еден денар. Кај овоштарите пак кои имаат огромна количина јаболка заради немање амбалажа и простор. Би апелирал овоштарите да се возрдржат од продажба и покрај немањето амбалажа, заради одржување на цената на 10 денари, а во моментот имаме цена која не ги покрива ни основните трошоци, килограм јаболка чини 10-11 денари, вели Пампулевски.

Две третини од јаболката се собрани, а до почетокот на наредниот месец се очекува да заврши бербата.