Македонија
4. August 2015 - 16:26

Големи штети од невремето има и во штипскиот крај

Вчерашното невреме што го зафати источниот регион, најмногу штета направи на земјоделските површини во Карбинско. Врнежи од град со големина на орев скоро целосно ги опустошија посевите со пченка, тутун и грав.

-Штетите се 100 %. Само „прва рака“ е обрана, другите, остатокот се целосно уништени до „четрвта рака“. Берба повеќе нема да има- изјави Елвис Ганива, тутунар од с. Црвулево, Карбинско.

-2,5 декари имавме грав насадено. Срцето да ти плака, толку копање удривме, мака, а сега што бидна- изјави Мирјанка Станкова, производител на грав од с. Црвулево, Карбинско.

- 80 до 100% може да се каже дека е уништено- изјави Ацо Станков, производител на грав од с. Црвулево, Карбинско.

Земјоделците кои се затекнале на отворено поле и се нашле директно на удар на олујните ветришта и градот, велат дека вистинска среќа е што останале неповредени.

- Со жената, со снаата се сокривме под мушамата, сите 5-6 души-изјави Мите Илиев, производител на грав од с. Аргулица, Карбинско.

- Клекнавме под мушамата и како што ја држевме кога ќе те удри по рака, град волкави парчиња- изјави Орце Илиев.

Силното невреме го преполови и родот на овошните и лозовите насади, но за среќа поголемиот дел од нив се осигурани.

- Штом е осигурано ќе се надеваме на нешто. Подобро нешто, отколку ништо- изјави Мите Илиев.

Оштетените производители спасот ќе го бараат во општинските власти, од каде ќе бараат минимална помош за да ги покријат барем трошоците.