Македонија
24. December 2022 - 16:32

Голема акција против дрвокрадци во струмичко

Со 15 запрежни коли дрвокрадци од струмичко се обиделе да превезат 25 кубици бесправно исечени дрва. Дрвокрадците се затекнати во атарот на селата Варварица и Липовиќ, а биле откриени во координирана акција што ја спровеле СВР Струмица и шумската полиција. Акцијата е реализирана со помош на дел од месното население кое пријавило за бесправна сеча во нивниот регион и тоа во најголем дел во приватни шуми. Освен возилата, одземени се и пет моторни пили. Tри лица сите од струмичкото село Баница се приведени и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.

Вчерашната акција во струмичко радовишкиот регион не е единствена овој период. овој месец биле одземени околу 25 запрежни возила и спречени поголем број дрвокрадци кои се обиделе на пазарот да дистрибуираат огревно дрво од нелегална сеча. Според официјалната статистика само во  август, септември и октомври годинава биле спроведени 24 контроли во кои се запленети близу 65 метри кубни огревно дрво и повеќе патнички и запрежни возила со кои истото биле превезувано.  Во истиот период шумската полиција од Радовиш има поднесено 28 прекршочни барања и една кривична пријава.