Свет
10. September 2020 - 15:33

Голем пожар во Бејрут, нема повредени

Продавница за нафта и гуми се запали денеска во Бејрут, и засега нема информации за повредени во инцидентот.

Пожарот изби во бесцаринската зона на пристаништето, а потоа огромен столб од црн чад се издигна над главниот град на Либан, чии граѓани се уште се трауматизирани поради експлозијата на 4 август, во која загинаа околу 190 лица, а околу 6.000 беа повредени.

Војската соопшти дека сè уште не е позната причината за пожарот, наведувајќи дека испратила хеликоптери за да го стават огнот под контрола.

Шефот на либанскиот Црвен крст рече дека засега нема опасност од нова експлозија по пожарот и дека нема повредени.

Тој, сепак, истакна дека некои луѓе имале потешкотии при дишењето по пожарот.