Голем пожар беснееше во Националниот парк Пелистер
Големиот пожар што синоќа беснееше во потпелистерјето, во близина на селата Цапари и Ротино, рано утрово е ставен под контрола. Огнената стихија однесе околу 20 хектари нискостеблеста шума во Националниот парк Пелистер, но за среќа ги одмина куќите и викендиците во селата. Во гаснењето на пожарот од 19 до три часот по полноќ, учествуваа пожарникари од Битола и Ресен, доброволци од градот и месно население, а за целото време пристапот кон селото Цапари беше затворен заради густиот чад.
Мештаните се сомневаат дека пожарот е подметнат затоа што секоја година се случува на истото место. Дел од нив шпекулираат дека деновиве на терен биле забележани и дрвокрадци.
- Овде нема стрништа, ова е сува трева. Порано имаше смреки ама изгореа,секоја година се палат и горат, изјави еден жител на Цапари.
- Дали некој намерно запали или на несакање, тоа никој не може да каже, изјави жител на Ротино
Противпожарната единица од Битола интервенираше со 4 возила и 15 пожарникари, а силниот ветер ја отежнувал нивната работа. Проблеми имаа и со едно од возилата, кое се расипа на терен.
- Ветерот ни беше голем непријател и во еден момент префрли преку патот од Цапари за Ротино.се стациониравме таму со уште две возила, за кратко време тоа го ставивме под контрола, рече Горан Димковски,заменик командир на ТППЕ-Битола.
Од противпожарната единица тврдат дека автомбилот кој вчера се запалил во близина на Битола, не е поврзан со пожарот во Потпелистерието, затоа што бил одалчен од огнената стихија над 10 километри.
-
Методија Куновски
Сите содржини од овој новинар
