Македонија
21. April 2021 - 12:32

Голем интерес за донирање на плазма во Битола

Секоја среда наутро е раздвижено во Регионалниот центар за транфузиона медицина во Битола. Битолчани за време на третиот бран кој тешко ја погоди Битола, ја покажаа својата хуманост и масовно се пријавуваат за дарување конвалецентна плазма со надеж дека ќе спасат нечиј живот. Само денес беа пријавени педесеттина.

-Да се спасат луѓето кои се болни, секако ние поминавме се спасивме.

-Поттик беше хуманоста, во ова кризно време да се помогне.

-Со моето дарување крвна плазма, да спасам нечиј живот, јас го поминав истото и знам во какви тешки ситуации се наоѓаат болните.

-Со оглед на тоа што го видов јас и семејството како ја поминавме болеста, се надевам дека некој друг полесно ќе го преброди и ковидот и опоравувањето, велат битолчани.

Хуманоста на дарителите е на високо ниво, велат од битолска трансфузиологија. Интересот е голем, а со оглед на тоа што се и регионален центар, плазма даруваат и граѓани од околните градови.

-Претходно земаме анамнеза од потенцијалните датрители дали се здрави, дали се доволни излекувани, и дали може да даруваат плазма. Секако дека правиме и претходни испитувања, сите дополнителни анализи кои треба да се направат, треба да се задоволителни за да дарува плазма. Покрај другите анализи, се прави тестирање на крвта за болести кои можат да се пренесат на примателот, битно е и присуството на антитела, рече д-р Златка Стојановска, раководител на Служба за трансфузиона медицина Битола.

Од Ковид центарот во Битола постојано има побарување за конвалесцентна плазма.

-Од Ковид центарот секој ден пристигнуваат во 4, 5 барања, зависи од денот, ние успеваме понекогаш комплетно да задоволиме, понекогаш чекаат ден или два, во зависно од крвната група. Ќе потенцирам дека крвната плазма е помош во болеста, не е лек. На некој начин помага, механизмот е имунолошки, многу е важно да се даде на почетокот на болеста, изјави д-р Лидија Стојанова Вилос, раководител на Регионален центар за трансфузиологија Битола.

На почетокот, примероците ги пуштаа во Скопје, но сега сите потребни анализи се прават во Битола, а резултатите се готови во најбрзо време.