Македонија
17. December 2023 - 16:56

Гол бол натпревар за слепи лица во Прилеп

Во Прилеп се одржа традиционалниот четворомеч во гол бол или рол бол игра за која можеби ретко кој слушнал, а е наменета за слепи и слабовидни лица. Во спортската сала се обележува посебен дел со должина од 18 метри, а голот има пречник од 9 метри. Екипата е составена од тројца играчи, кои носат специјални наочари за да не гледаат ништо. Топката која е тешка 1,7 кг. е полна со ѕвончиња според чиј звук играчите се ориентираат каде истата се движи.

„Тројца играчи од една страна и тројца играчи од друга страна, се фрла топката и секој сака да постигне гол. Тројцата играчи бранат од една страна и тројцата исто бранат и од другата страна“, истакна Благој Мишовски, претседател на Здружение на слепи на град Прилеп.

„Одржуваме и државно првенство, куп на Македонија, првите 4 најдобри и секоја година се одржува низ повеќе градови во Македонија“, додаде Димче Колароски, член на тимот од Прилеп, кој живее во Крушево.

Овие четворомечеви се одржувале кај нас веќе 20 години. Натпреварот се одвиваше помеѓу екипите на Прилеп, Битола, Кавадарци и Скопје. Во Македонија имало околу 14 вакви здруженија, но активни клубови кои се занимаваат со гол бол биле 6. За поголем развој на овој спорт потребни биле повеќе вложувања и специјални спортски сали.

„За овој настан се потребни многу финансиски средства, не само во опрема. Исто така треба нашите деца, еве сега се екипирани за репрезентација, а ги има 12 млади од цела држава, тие треба да одржуваат повеќе тренинзи, но за сето тоа ни е потребна спортска сала, одобренија, исто така имаме и селектор за репрезентацијата во гол бол и сакаме и ние да напредуваме како другите држави“, изјави Богоја Јошев, претседател на спортска федерација на слепи на Македонија.

Покровител на овој натревар денеска беше основното училиште „Кире Гаврилоски – Јане“ од Прилеп.

„Од страна на организација ние ја обезбедивме целосната логистика за да се организира еден ваков настан, го обезбедивме просторот каде се одвива овој натпревар, маици и дресови за сите учесници, вода и освежителни пијалоци, а потоа ќе има еден скромен ручек за сите. Овој настан има посебно значење за мене затоа што се ретки вакви натпревари и во нашиот град и на ниво на Македонија“, потенцираше Влатко Кузманоски, директор на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“.

Слепите лица имаат и репрезентација во гол бол која што ја претставува Македонија на меѓународните натпревари.