Свет
11. September 2019 - 9:01

Години по терористичките напади на 11 септември, илјадници пациенти со карцином

Жаклин Фебрилет имаше 26 години и работеше во близина на Светскиот трговски центар (СТЦ) кога на 11 септември се урнаа њујоршките „близначки“. Денес таа е една илјадниците заболени од рак поради изложеноста на отровни честички по катастрофата.
 
По терористичките напади, Фебрилет, професионален синдикалец, роди три деца, а во 2016 година и беше дијагностициран карцином кој метастазираше. Отровниот отпад и облакот од пепел на кој таа била изложена на денот на катастрофата е единственото логично објаснување за нејзината болест.
 
Ричард Фарер, денес 37-годишен и од неодамна татко, работел на Менхетен од 2001 до 2003 година. Пред 18 месеци му е дијагностициран агресивен рак на дебелото црево, кој вообичаено се појавува кај многу постари мажи, а тој немал никакви предиспозиции.
 
Освен 3.000 луѓе убиени во нападот и повеќе од 6.000 ранети при уривањето на кулите, Њујорк не престанува да ги брои новозаболените од карцином и други тешки болести, пред се на белите дробови, што всушност е поврзано со отровниот облак кој со недели лебдеше над јужниот дел на Менхетен.
 
Не само спасувачки екипи
 
Првите жртви беа десетици илјади пожарникари и волонтери кои ги расчистуваа урнатините на Светскиот трговски центар. Студија објавена во научно списание во 2011 година покажа дека кај тие лица има зголемен ризик од заболување од рак.
 
Здравствената програма на СТЦ, која е федерална програма за преживеани од терористичките напади од 11 септември, во регистарот има 10.000 пациенти со карцином.
 
Фебрилет и Фарер се само дел од „обичните“ луѓе кои работеле или живееле на јужниот дел на Менхетен во периодот на катастрофата и таа категорија луѓе непрекинато расте.
 
Во 2019 година повеќе од 21.000 луѓе се опфатени во програмата на СТЦ, што е двапати повеќе од 2016 година.
 
Меѓу нив речиси 4.000 луѓе се заболени од рак, најчесто рак на простата, дојки или кожа.
 
– Иако не е можно за секој поединец да се утврди точната причина за карцином затоа што ниту еден тест на крв нема да покаже „СТЦ печат“, сепак, неколку студии потврдуваат дека процентот на пациенти со карцином се зголемил меѓу 10 и 30 отсто кај оние што биле изложени на честички на денот на катастрофата, вели Давид Презант, главен лекар на њујоршките пожарникари.
 
Според него, процентот ќе се зголемува во иднина, бидејќи овие луѓе стареат и со оглед на природата на одредени видови карцином, како што се карцином на белите дробови или мезотелиом, кои се развиваат од 20 до 30 години.
 
Никој не можеше да го предвиди тоа
 
Во тој контекст американскиот претседател Доналд Трамп во јули го ратификуваше законот со кој се поместува крајниот рок за поднесување барање за отштета од 2020 до 2090 година од посебен Федерален фонд за обесштетување.
 
Најавено е дека Фондот трајно ќе се обновува откако ќе се потрошат првичните 7,3 милијарди американски долари. Просечната отштета се движи од 240.000 американски долари по заболено лице до 682.000 американски долари за семејството на починатиот.
 
Откако неколку пати се поместуваше крајниот датум за Фондот, американскиот Конгрес на крајот ја прифати потребата од покривање на трошоците за „лице кое било бебе во моментот на терористичките напади до крајот на неговиот живот“, појасни адвокатот Метју Бајон, кој ги застапува семејствата на Фебрилет и Фарер во постапките кои се покренати за добивање отштета.
 
– Никогаш немало напад што може да се спореди со 11 септември. Никој не можеше да предвиди што ќе се случи со милијарди тони градежен материјал што гореше 99 дена, што испушти во воздухот невидени количини хемиски производи, меѓу кои и диоксин, азбест и други канцерогени материи, истакнува Бајон.
 
Допрва ќе се откриваат сите последици од трагедијата по здравјето на луѓето, но во меѓувреме Фебрилет и Фарер се жалат што градот Њујорк не направи нешто повеќе веднаш по нападот за да ги заштити жителите на таа област.
 
– Можеа да вложат напори да спречат здрави возрасни лица да бидат изложени на загадувањето и да спречат влез во зоната на катастрофата, вели Фарер.
 
Фебрилет додава дека „приоритет им беше што побрзо градот да се врати во нормала, така што Њујоршката берза се отвори за само неколку дена, но никогаш не ни кажаа дека нешто може да се случи“.