Македонија
3. July 2021 - 16:36

Годинава намалено производството на тутун за 30 проценти

Површините со тутун во струмичко се намалуваат. Производството на оваа култура годинава е помало за околу 30% во однос на лани. Тутунопроизводителите велат, имало повеќе причини за тоа, но како главна го наведуваат минатогодишното лошо искуство и незадоволството од постигнатата просечна цена која била многу ниска за да ги покријат и основните производствени трошоци.

„За ова има повеќе причини. Како прво ќе ја наведам ланската просечна цена која достигна до 180 денари, потоа фирмите не склучуваат договори колку што сакаат самите производители и сето тоа резултираше со намалено производство на тутун од околу 30%“, вели Марјан Трајков - Здружение Басмак - Василево.

Доколку ваквиот тренд продолжи не е исклучена можноста оваа култура целосно да исчезне од нивите, велат од здружението Басмак од Василево. Според нивните анализи,  годинава од засадените површини во целиот струмички регион се очекуваат околу 1 милион и 100 000 килограми, количина што е  помала од и таа што претходно се произведувала само на подрачјето на општина Василево.

„Претходните години само василевска општина произведуваше околу милион и триста до милион и четиристотини. Значи може да процениме дека 30 до 40 проценти веќе е намлено производството. Како што оди самите ниски цени, не побарувањето ма тутунот од самите фирми оваа култура ќе згасне, за десет до петнаесет години ќе го снема производството на тутун во нашата држава“, вели Трајков.

Последната сезона тутунопроизводителите од струмичко повеќе пати излегуваа на протести во знак на револт од ниската откупна цена и според нив лошата проценка на квалитетот.