Гласаат болните, изнемоштени и затворениците - Сител со слика од Идризово
2536 Гази Баба е гласачкото место во кое најголем дел од затворениците во земјава, први го остваруваат избирачкото право. Во затворот Идризово, денеска гласаат над 850 лица, чии гласови ќе одлучуваат при изборот на градоначалник во 36 општини. Гласачкото ливче се затвора во коверт со име на општината каде треба да замине на пребројување. Избирачкиот одбор не употребува уред за отпечаток од прст, бидејќи е веќе утврден идентитетот на затворениците.
„Секое лице гласа за градоначалникот на својата општина според местото на живеење. Тука се користи претходниот метод на гласање, со УВ ламба и спреј, бидејќи овде не е дозволена употреба на уредите“, вели Христина Чулева, Претседател на ОИК Гази Баба.
До местото на гласање, затворениците се носат со комби возило. Поради тоа, управата го зголемила бројот на затворски полицајци. Велат, транспортот и гласањето се одвивале без проблеми.
„Динамиката на гласање е задоволителна, како што сме организирани, се повикани дополнителен број на лица, затворска полиција за спроведување на осудените до гласачкото место. Очекуваме порано во текот на денот да завршиме со целокупниот процес“, вели Јовица Стојановиќ, Директор на КПУ Идризово.
Покрај затворениците, денеска гласаат и болните, внатрешно раселени, лица во изолација и куќен притвор – вкупно 6236.
Сите останати, ќе гласаат утре. Од Државната изборна комисија велат дека се подготвени за изборниот ден. Имало дополнителни обуки за употребата на фингерпринт уредите, а избирачките одбори имале должност да се грижат и за редот во просториите.
Вториот изборен круг ќе го следат поголем број набљудувачи – се акредитирале над 1500 или близу 300 повеќе од првиот изборен круг.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар