Ѓубрето во Скопје не се собирало со умисла - обвинителството поднесе обвинение против Рустеми и Саити
Oбвинителството поднесе обвинение против поранешниот директор на „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и управителот за отпад во претпријатието Аки Саити. Се товарат за сторено кривично дело Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Според истрагата, во текот на октомври, обвинетите со умисла не ги почитувале законите. Бидејќи не ја извршиле својата основна дејност за редовно собирање на ѓубрето и не побарале измена на Оперативниот план и програма, овозможиле да се создадат депонии околу контејнерите.
Дополнително, Рустеми постапил спротивно на Статутот и не ги спроведувал одлуките на Управниот одбор.
- Како директор на јавно претпријатие кое е давател на комунална услуга бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите, велат од ОЈО Скопје.
Бидејќи истрагата е завршена, обвинителството побара, а попладнево судот одобри, притворот да им биде заменет со мерки на претпазливост, а за управителот за отпад и привремено отстранување од работното место.
Градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски, вели дека истражните органи ќе имаат многу работа во Комунална, но и во останатите јавни претпријатија. Рече дека им стои на располагање на институциите да им ги даде сите потребни документи.
- Овој народ сака правда. Овој народ беше доведен во состојба да живее во депонија месеци наназад, до пред да се промени локалната самоуправа во градот Скопје. Многумина во минатото говореа дека тоа е политички оркестрирано и организирано. Мене како поранешен градоначалник на Кисела Вода ми одговараше состојба во предизборие, да на секој ќош има тони и тони отпад? Не ми одговараше. Што значи дека нешто друго било во позадина, односно нефункционалност на цел систем којшто не само што не функционирал, туку бил ограбуван со години наназад, изјави Ѓорѓиевски.
Паралелно, тече и ревизијата на Комунална. Таа треба да покаже што се случувало внатре и зошто касата на претпријатието била оставена празна. Ѓорѓиевски признава дека состојбата и сега е далеку од идеална, но вели дека се прават максимални напори за подобрување.
Од затекнати 16, сега имало 50-ина функционални камиони, а следната година ќе се обезбедат уште 30 нови.
Инаку за подобро собирање на ѓубрето, од минатиот месец е во сила забрана за фрлање ѓубре во контејнерите од 22 часот навечер до 6 наутро.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
