Македонија
31. August 2019 - 14:53

Ѓорѓиевски: Процесот на ветинг во МВР е промашен уште од самиот старт

Процесот на ветинг во Министерството за внатрешни работи е промашен уште од самиот старт.

Отворено се сомневаме дека целта на овој процес е справување на сите професионалци кои не може да бидат уценети и условени за да ги спроведуваат криминалните политики на Зоран Заев и Оливер Спасовски.

Отворено се сомневаме дека овој процес ќе се реализира само со една цел, а тоа е справување со службеници кои се искусни и предадени на работата и не прифаќаат незаконски наредби и мафијашки сценарија во полицијата.

Затоа составот на работната група која што ќе го реализира ветингот е сомнителен, со лица блиски до Спасовски кои му должат или пак кои зависат од неговите одлуки.

Никола Дујовски, кој ќе ја води работната група има директен конфликт на интереси.

Затоа прашуваме, дали неговата сопруга е вработена пред неколку месеци токму од Оливер Спасовски? На кое работно место, со колкава плата и под кои услови?

Како може да се очекува независна одлука од Никола Дујовски, кога истиот е под целосна контрола на Спасовски ?

Доколку Дујовски и Спасовски молчат за ова вработување, јасно е дека претседателот на работната група само ќе ги реализира политичките нарачки на министерот.

Дополнително прашуваме, уште колку членови од работната група имаат вработено свои брачни партнери, деца и внуци во МВР? Колкумина од нив напредувале благодарение на влијанието кои го имале членовите на работната група? Дали ветингот ќе почне од нив или тие ќе носат одлуки под закана за санкции врз нивните блиски?

Процесот е политизиран и компромитиран уште од самиот почеток. процесот се води само заради пресметка со професионалците и оние кои не се под партиска и политичка контрола на Спасовски.

Спасовски сака ветинг, а ние бараме одговори:

Како заврши случајот со неговиот советник Драган Симоновски кој беше фатен како рекетира преку оддавање на службена тајна, односно класифицирани информации добиени со ПИ мерки? Дали истиот е ослободен и од куќен притвор и вратен на работа? Ќе важи ли ветингот за соработниците на Оливер Спасовски?

Како заврши истрагата за Јовче Ременски кој ги злоупотребува социјалните мрежи и началничката позиција, односно информациите до кои има пристап за да се заканува јавно? Дали никој не му може ништо само затоа што неговата сопруга е пратеник и колешка на Дујовски?

Ќе важи ли ветингот за неговиот советник Никица Петрушевски од Куманово?

Дали тој е вработен во МВР во октомври 2018 како советник за комуникации во кабинетот на Спасовски? Дали тој е син на Добрин Петрушевски, финансиер на СДСМ во Куманово и сопственик на Пин Петрол? Дали МВР издаде одобрение на Пин Петрол за станица за технички преглед по што фирмата на неговиот татко ја проширува дејноста?

Колку е зголемено семејното богатство на неговиот советник откако тој е вработен во МВР до денес?

Вистински ветинг би изгледал вака, а политички режиран, фејк ветинг, ќе изгледа како ветингот воден од Дујовски чија единствена грижа е неговата сопруга да напредува во кариерата во МВР.

Спасовски, доста си играте со државата и со безбедноста.

Цената на вашата неспособност ја плаќаат граѓаните. Спакувајте се и заминете. Само така ќе ја спасите Македонија и од вас и од вашите соработници и од криминалот и криминалците кои што постојано ве поддржуваат.

Орце Ѓорѓиевски – член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ