Ѓорѓиевски: Ќе работиме со МВР и општините да се зголеми опфатот на камерите од „Безбеден град“

Доколку Министерството за внатрешни работи нема можност да издвои одредени средства за да се зголеми опфатот на влијание и опсегот на користење на камерите од системот „Безбеден град“, тогаш и ние како општини, но и Градот Скопје ќе учествуваме финансиски за да помогнеме во целиот процес со цел да имаме побезбеден град и граѓани, изјави вечерва градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и претседател на ЗЕЛС.
Ова, како што рече Ѓорѓиевски во гостувањето во дневникот на ТВ Сител, веќе е разговарано со министерот Панче Тошковски, но се уште немаат јасна рамка.
-Повторно воспоставивме пракса Градот Скопје да заседава со координативното тело со останатите скопски градоначалници. Една од точките беше и ова и кај сите има интерес тоа да го направиме. Тоа од една страна ќе значи многу побезбедни маала, побезбедни јавни објекти, училишта, градинки и т.н. Но, од друга страна ќе значи систем во којшто по неколку наврати нема да се повторуваат инвестициите и парите на граѓаните да се употребуваат по пет пати, хипотетички земено, за обнова на одреден парк, појасни Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, исто така, посочи дека 30 години говориме за создавање на систем, а системот, како што рече, сме сите ние и мора да работиме на тоа европски да се однесуваме и законите да важат подеднакво за сите.
-Апсолутно сум свесен дека многумина ќе бидат засегнати од оваа состојба, но нас ни недостасува ред и понекогаш одредени мерки може на краток рок да предизвикаат одредна штета. Како градоначалник на Град Скопје почнав да воспоставувам ред од претпријатијата најпрво, па потоа и третманот на јавни објекти и се останато. Подготвен сум, ако треба и политичка цена да платам за тоа, но некој мора редот да го воспостави. Мислам дека е време тоа да го направиме, изјави Ѓорѓиевски.
Прашан дали му стигнало предупредување од новиот систем „Безбеден град“, Ѓорѓиевски рече дека внимава како вози и ги почитува правилата и дека засега нема предупредување, нагласувајќи дека се надева дека нема да има казни ниту во иднина.
МИА
Ново на Сител
-

Папата Лав XIV ги повика богатите католици од САД да продолжат со донациите
-

Јужнокорејскиот министер за надворешни работи разговараше со иранскиот колега за Ормуз
-

Русија за седум дена лансира 1.600 дронови кон Украина, значително помалку од минатата недела
-

МВР: Приведени 14 лица за безобѕирно управување возило, меѓу нив и малолетник без возачка
-

Двајца малолетници повредени при сообраќајка во Штип
-

Приведени пет лица за семејно насилство
-

Приведени двајца кавадарчани, едниот возел без возачка дозвола, другиот под дејство на алкохол
-

Приведено 24-годишно момче кое со нож нападнало две лица во Кичево
