Македонија
11. March 2018 - 16:12

Ѓорѓиевски: Целосно да се расчисти случајот за советникот на министерот Спасовски

Доколку некој бил член на таканаречената шарена револуција, тој може да рекетира и да собира поткуп и лихва и за него да нема притвор. Доколку некој е десна рака на Министерот за внатрешни работи и човек од доверба на СДСМ, тогаш тој може да оддава државни тајни, да изнесува податоци од истраги за лична и партиска корист и повторно, нема да има притвор.

За жал, ова е правдата во Македонија денеска. Селективност и двојни аршини. За политички неистомисленици се изрекуваат притвори доколку намигнале или се прегрнале со некого, а за корумпираните полициски функционери кои злоупотребуваат истраги се изрекуваат мерки со кои се внимава да не се разлутат нивните шефови.
    

Почитувани,

Вчерашната бледа прес-конференција на Министерот за внатрешни работи отвори повеќе прашања, отколку што затвори.   

Катастрофата што се случува во МВР мора да биде расчистена до крај.

Доколку се тргне од претпоставка дека Оливер Спасовски делумно ја говорел вистината, првото прашање што се поставува е како неговиот советник за криминалистички работи имал увид во оперативните информации од отворените истраги? Кој му овозможил увид во тие информации? Како корумпираниот соработник на Спасовски знаел кон кого се применуваат посебни истражни мерки? Дали овие информации му ги давал неговиот претпоставен Оливер Спасовски и со која цел? Дали евентуално информациите ги знаел затоа што однапред, во тесен круг, политички се нарачувале истрагите и мерките? 

Конечно, јавноста ја интересира уште колку класифицирани информации од истраги знае најблискиот соработник на Оливер Спасовски? Уште за колку лица знае дека се наоѓаат под посебни истражни мерки? Дали не му е изречен притвор затоа што треба да ја заврши целата операција под водство на Оливер Спасовски?  

Овој случај не смее и нема да се затвори со бледата прес конференција на Оливер Спасовски. Одговори и одговорност мора да има, затоа што корупцијата и политичката злоупотреба на МВР ја доведуваат во прашање безбедноста.

Министерството за внатрешни работи наместо да се бори со криминалот и корупцијата, стана дувло кое служи за собирање изнуда, поткуп и заштита на криминалот. Вината за нападите врз полициските службеници се префрла врз пајаците, а најблиските соработници на министерот Оливер Спасовски собираат поткуп по целата држава. Приведениот е човек од доверба на СДСМ, кој беше едно од 15-те кадровските решенија согласно договорот од Пржино кои тогашната опозиција инсистираше да бидат поставени на функции во МВР.