Тенис
12. April 2016 - 16:14

Ѓорческа во второто коло на фјучрсот во Истанбул (50.000 долари)

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа успеа да ја продолжи низата победи на фјучрсот во Истанбул (награден фонд 50.000 долари). Турнирот се игра на тврда подлога. Таа по трите победи во квалификациите денеска во 1.коло ја победи квалификантката Фреја Кристи од Велика Британија со 2:1 во сетови, а во вториот сет не искористи меч топка. Во следната рунда нашата тенисерка ќе игра третата носителка Полина Лејкина од Русија (190.место на ВТА листа).

Во дуелот со Кристи, Ѓорческа првиот сет го доби со 6:4 во гемови, а во вториот сет при резултат од 5:3 во гемови нашата тенисерка имаше меч топка, која не ја искористи и сетот го загуби со 7:5 и од 22 поена во последните четири гема од тој сет освои само шест поени. Во решавачкиот сет Ѓорческа поведе со 2:0 (направи брејк), но Кристи изедначи и постојано водеше во сетот. Во тај брекот по 3:3 на поени, Ѓорческа освои три поени (два мини брејка) и потоа ја искористи втората меч топка во третиот сет. Мечот траеше 2 часа и 20 минути.

Двете тенисерки имаа по три брејка во мечот Ѓорческа од 11 обиди, а Кристи од 6. Во вкупниот број поени беше 119:107 за Ѓорческа.

Утре Ѓорческа со Турчинката Перма Озген ќе игра во 1.коло во двојки против третите носителки Ленка Кунчикова и Каролина Стухла од Чешка.