Македонија
3. November 2017 - 9:24

Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа на Република Македонија

Царинските приходи бележат натфрлање од почетокот на годинава. На што се должи зголемувањето на приходите?

Царинската управа на Република Македонија во минатите 10 месеци од 2017 година продолжи со успешната реализација на наплата на давачки при увоз  како царина, данок на додадена вредност и акцизи и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет.

Поточно остварени се приходи во износ од 64,5 милијарди денари, што претставува за 7,8 проценти или околу 4,7 милијарди денари повеќе од истиот период во 2016 година.

Успехот остварен при наплатата на приходите се должи на повеќе фактори, а пред се на зголемена финансиска дисциплина на сите учесници во трговијата. Исто така, многу е важна соработката со институциите кои вршат контрола на внатрешниот пазар, особено со Управата за јавните приходи и Државниот пазарен инспекторат.

Придонес има и системот за управување со ризик на Царинската управа при увоз (насочени контроли), односно подобри резултати со помалку извршени контроли. Иако изгледа контрадикторно, со помал број извршени физички и документарни контроли на стока во царинска постапка наплаќаме повеќе давачки. Резултат даваат и насочени контроли кај компаниите по завршена постапка, односно пост-контроли. Кога се контролира стока „на тркала“, односно во камион, се контролира една пратка. Кога се контролира работата на компанијата, се контролира целото работење на компанијата од царински аспект во подолг временски период, вообичаено за една година. Овие контроли континуирано се вршат и кај компаниите кои имаат одобренија за поедноставување на царинските постапки.

Подобрување на интерните контролни системи исто така придонесува за успешна реализација на наплата на давачките. Во Царинската управа функционираат интерните контролни системи, чии носители се организациони единици  - Секторот за професионална одговорност, Одделението за внатрешна ревизија, Секторот за контрола и истраги или посебни тела во форма на комитети и работни групи. За наплатата на приходи, освен организациските единици, се грижат и Комитетот за следење на приходите и Комитетот за управување со ризик. На овој начин континуирано се следи состојбата со наплатата на буџетските приходи и се преземаат мерки за утврдување на причините и надминување на евентуалните проблеми при наплата на приходите.

 

Дали се планира намалување на некои царински давачки?

Една од основните надлежности на ЦУРМ согласно Законот за Царинска управа е да врши пресметка и наплата или враќање на извозни и увозни давачки, даноци и други јавни давачки и надоместоци од увоз, извоз или транзит на стока. Приходите кои ги наплатува Царинската управа се дел од вкупните даночни приходи на Буџетот на РМ во кои ЦУРМ учествува со околу 40 отсто.,

Мора да напоменам дека 51 отсто од увозот се врши во услови на преференцијална трговија, што практично значи дека половина од вкупниот увоз се врши без плаќање на царина, како резултат на договорите за слободна трговија што Република Македонија ги има склучено со земјите-членки на Европската Унија, земјите-членки на ЦЕФТА, Украина и Турција. Најголем дел од суровините и репроматеријалите се увезуваат без царина.

Голем дел од царинските стапки се намалени заради усогласувањата со барањата за пристапување кон ЕУ, согласно преземените обврски кои произлегуваат со пристапување на Република Македонија кон Светската трговска организација и Договорите за слободна трговија кои Република Македонија ги има склучено со одредени земји.

Намалување на увозните давачки за одредени производи се носи од страна на Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за економија и Министерството за финансии, но по претходно извршена анализа и врз база на консултации со бизнис заедницата, но и со домашните производители на тие производи за кои се предвидува укинување или намалување на увозните давачки. Се со цел да се направи двострана корист, од една страна да се задоволат интересите и потребите на прозиводителите и бизнис заедницата, а од друга страна да не се дозволи наштетување на производството.

Оваа Влада интензивно ќе се залага да му помогне на македонското стопанство и доколку се докаже за потребно ќе донесе вакви одлуки за намалување или укинување на увозни давачки, а се со цел да се створат предуслови за поголема конкурентност на нашите производи на светските пазари како и да се створат можности за нови вработувања. Но, при тоа во голема мерка да се исползувани сите инструменти со кои се обезбедува долгорочна, заштита на домашното производство, и да се создаваат услови за ефикасно и успешно водење на тековната економска политика, а истовремено да се обезбеди и стабилност на развојната и фискалната функција на царината.

Ние како извршен орган ќе ја почитуваме и спроведуваме секоја одлука донесена од страна на Владата на Република Македонија.

 

Каква ќе биде соработката со бизнис заедницата?

Царинската управа, мора максимално да се посвети на зголемување на довербата помеѓу Царината и учесниците во царинската постапка, а со тоа и на искоренување на корупцијата, како и на развивање на стратегии, процедури и методи за олеснување на протокот на трговијата и преземање на мерки во согласност со важечките законски прописи во Република Македонија и согласно легитимните потреби на деловната заедницата. Основа за идна соработка со бизнис заедницата ќе биде Советодавното тело и новоформираниот Национален комитет за олеснување на трговијата, основан на една од последните седници на Владата на Република Македонија, согласно Договорот за олеснување на трговијата на Светската трговска организација.

Соработката со економските оператори, која последниве години беше запоставена од институциите, мора да се постави на здрави темели. Моја цврста определба во тој процес, ќе биде во тоа дека Царинската управа треба да биде институција што ќе има обврска да помогне и придонесе во економскиот развој. Нашата основна определба во работењето е јавност, отчетност и транспарентност, така што во иднина нашите заложби ќе бидат насочени кон унапредување на работата на Советодавното тело, организирање директни контакти со претставници на деловната заедница односно редовни и конструктивни месечни состаноци на кои ќе имаме можност да дадеме отчет за сработеното и конструктивни дебати со економските оператори на кои ќе имаат можност да ги изнесат нивните евентуални критики или забелешки на нашето работење, да споделат конструктивни предлози и идеи, но истовремено и да не информираат како одредени наши проекти и мерки се спроведуваат во пракса.

Конкретно во изминативе два месеци  одржавме работна средба со претставници од Tекстилниот кластер, работен состанок со претставници од компаниите преработувачи на месо, на кој разговаравме за барањето на Групацијата на преработувачи на месо и производство на преработки од месо, како и Групацијата за производство на свинско месо при Стопанската комора на Македонија, заради, стимулирање на домашното производство на месни преработки и извозот, но и заштита на производителите на свежо месо, работна средба со Македонско турска стопанска комора (МАТТО) на која разменивме искуства за актуелните теми и проблематики во трговското работење, работна средба со претставици од здружението на шпедитери, здружението на транспортери, претставници од повеќе стопански комори, како и стопанственици од повеќе области насочена кон унапредување на соработката и справување со предизвиците во тековното работење и др.

Во иднина планираме, при воведување на новитети во работењето да организираме работилници, презентации и работни средби и низ градовите во Република Македонија преку силна соработка со коморските здруженија, со цел да оствариме средби со што поголем број на економски оператори и претставници на деловната заедница, каде ќе може непосредно да се разгледуваат отворени прашања, предлози за идни мерки и проекти.

Ќе настојуваме навистина да бидеме најдобар сервис на граѓаните, економските оператори и државата, согласно домашни и меѓународно признати најдобри практики.

Најавивте дека се подготвува нова царинска регулатива? Што предвидува и што ќе значи тоа?

Еден од стратешките приоритети за нас и Министерството за финансии е подобрување и поедноставување на царинското законодавство, со цел олеснување на работата на малите и средните претпријатија и зголемување на конкуретноста и извозот. Најважен дел од новото царинско законодавство ќе биде нов Царински закон што ќе биде усогласен со новиот Царински закон на Унијата што почна да се применува од 2016 година.

Дел од измените ќе доведат до поедноставување на царинските постапки, што ќе го олесни работењето на малите и средните компании, ќе ја подобри нивната конкурентност и ќе им помогне поефикасно да се вклучуваат во глобалните синџири на трговија. Новата царинска регулатива, освен што ќе биде поедноставена, ќе ги содржи и другите три столба неопходни за подобро интегрирање на македонската економија во глобалните текови – ќе биде транспарентна, хармонизирана и стандардизирана. Она што сега, на почетокот може да се најави е помал број на документи и побрзо завршување на царинските постапки. Во овој контекст би сакал да го спомнам новиот софтвер за обработка на царински декларации кој ќе се воведе во 2018 година. Овој софтвер беше долго најавуван, многу одолговлекуван и пролонгиран. Новиот софтвер за обработка на царинските декларации треба да го замени постоечкиот систем АСИКУДА, да ги елиминира долгите застои, прекини и исклучувања и неможност да се поднесат навремено царинските декларации. Новиот софтвер треба значително да придонесе за подобрување и олеснување на царинското работење и воведување на безхартиена царинска околина што во себе треба да ги интегрира постоечкиот систем за транзит – НЦТС, ЕКСИМ системот, односно системот за електронско издавање на дозволи за увоз и извоз.

Планираме во соработка со граничните агенции да ги ревидираме сите непотребни дозволи што се бараат при увозот и транзитот на стоки во ЕХИМ систем за електронско издавање на дозволи со цел олеснување на прекуграничното движење на стоките. Граѓаните и сите засегнати страни навремено ќе бидат информирании и запознаени со сите измени и новини пред истите да стапат на сила, преку презентации, обуки и работилници. 

 

Каква е соработката со царинските служби од регионот и со соседите?

Царинската управа соработува со Царинските управи на другите земји на полето на царинското работење во откривање и спречување на царински прекршоци и кривични дела од областа на царинското работење, обуки на царинските службеници, унапредување на техничкиот развој и друго, во согласност со ратификувани меѓународни договори и  конвенции.

Би сакал да ја потенцирам мојата подготвеност за зајакнување на  соработката за царинските прашања и постојана заемна комуникација на сите нивоа со царинските служби од регионот и соседите со цел правилно спроведување на спогодбите за царинска, економска и трговска соработка, како и за зајакнување и примена на царинската политика, утврдување на приоритети и стратегии за иден развој и модернизација, поблиски билатерални и мултилатерални односи.

Во овој контекст би сакал да ја спомнам и билатералната средба со хрватска царина која ја имавмe на почетокот на месецов. Оваа средба беше мошне важна за стекнување и размена на искуства од повеќе области со цел исполнување на потребните услови за членство во ЕУ, (имајќи во предвид дека Хрватска е најнова држава членка на ЕУ и има најсвежо искуство во процесот на пристапување кон ЕУ) како што се: имплементација на хармонизирано царинско и акцизно законодавсто на ЕУ, подобрување на информатичко-технолошките капацитети и услуги и примена на Договорот за олеснување на трговијата на Светска трговска организација.

Се повеќе во годините наназад се наведуваше дека увозот на старите автомобили придонел за загадување. Дали се размислува да се намали старосната граница за увоз на автомобили?

Законската регулатива што ја регулира оваа област е во надлежност на Министерство за економија. Тие прават детална анализа имајќи го на ум еколошкиот момент, односно да се увезуваат возила што емитуваат помалку штетни гасови и помалку ја загадуваат околината. Исто така, потребна е и консултација со засегнатите странки и со институциите, како и финална проценка за измена на правилникот кој ја уредува оваа дејност, со која евентуална измена, би се предвиделе модалитетите, начините на овозможениот увоз, како и конкретниот рок на траење на ваквата можност.

Во моментот согласно постоечката регулатива не можат да се внесат возила со помал стандард од Евро 4. Царинската постапка се спроведува и давачките се плаќаат пред да се изврши техничкиот преглед за сообразност со хомологациските услови. Доколку возилото не ги исполнува овие услови, увозникот нема да може да го регистрира возилото и ќе се соочи со големи непотребни трошоци на враќање на возилото во странство, заради тоа препорачуваме со цел да се избегнат непотребни трошоци и проблеми при увозот на моторни возила, при увозно царинење на моторните возила од странство, како и возилата со странски регистарски таблички кои веќе се наоѓаат во Република Македонија, а ги управуваат лица со регулиран престој во странство, особено да се внимава на исполнување на хомологациски услови кај овластените тела.

 

Деновиве е актуелна досега најголемата заплена на дрога – околу еден тон марихуана. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу тоа?

Заплената на околу еден тон марихуана која беше откриена на граничниот премин Блаце, претставува еден огромен успех не само за Царинската управа, туку и  за државата воопшто. Преку оваа заплена  уште еднаш покажавме дека Царинската управа игра една од клучните улоги во справувањето со неовластената трговија, производство и пуштањето во промет на дрога.

Како што веќе информиравме, марихуаната наменета за турскиот нарко пазар, со вредност до четири милиони евра, пронајдена е во товарно моторно возило управувано од македонски држјаванин кој на ГП Блаце започнал транзитна постапка. При  прегледот на приколката од возилото, натоварена со пресувана хартија во Косово со крајна дестинација Република Турција во средишниот дел од приколката, пронајдени се вкупно 839 пакувања наполнети со марихуана со вкупна тежина од околу еден тон. Царинската управа против осомничениот кој е во бегство и е недостапен на органите на прогонот, ќе поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство.

Во врска со овој случај би сакал да изразам благодарност на Министерството за внатрешни работи за заеднички успешно спроведената акција со која, како што на заедничката прес конференција истакна министерот Оливер Спасовски, ја потврдивме заложбата на Владата на Република Македонија за сериозен и неселективен пристап во борбата против криминалот и корупцијата во државата.

Сузи Котева Стоименова

МИА

фото Ивана Батев