Македонија
14. October 2020 - 12:45

Гевгелија воведува локални мерки против КОВИД

Секојдневните нови случаи на Ковид-19 го вклучија алармот во Гевгeлија. За да се спречи ширењето на вирусот, покрај мерките донесени од страна на Владата општината воведува и дополнителни, на локално ниво. Покрај зачестените контроли на сите инспекциски служби, општинскиот кризен штаб одлучил да се воведат и посебни мерки на одредени локации каде има голема фреквенција на луѓе. Врз основа на тоа, од утре пазарот во Гевгелија ќе работи на посебен начин и само со еден влез, наместо со досегашните три.  Во координација со свештениците посебни мерки ќе бидат воведени и на градската капела, а продолжува и интензивната дезинфекција на јавните површини. Градоначалникот најавува  строги санкции за сите кои нема да ги почитуваат мерките.

,,Ќе бидеме ригорозни. Таков е заклучокот на кризниот штаб. И во казнувањето и во надгледувањето на строгото почитување на протоколите, без исклучок за сите и во градот и во населените места. Секаде каде што ни укажаа и директорот на болницата и епидемиологот, како целни групи, како потенцијални кризни жаришта сето тоа ќе биде исконтролирано од страна на тим кој ќе има оперативен план да дејствува.,, вели Сашко Поцков - градоначалник на Општина Гевгелија

Анализите на гевгелискиот кризен штаб покажале дека главна причини за зголемениот број на новозаразени е непочитувањето на мерките, пред се од страна на младите.До сега во центарот јавно здравје во Гевгелија се регистрирани 202 случаи на Ковид-19. Во моментов, 92 од нив се активни.