Бизнис
28. December 2016 - 19:58

Гевгелија го подобрува водоснабдувањето со јапонска помош и проект на УНДП

Со помош на јапонската влада Гевгелија го подобрува  водоснабдувањето. За таа цел беше направена целосна реконструкција на постојните бунари на пумпната станица Вардар со што капацитетот на водата за пиење од 50 сега е зголемен на 100 литри во секунда. Реконструкцијата беше направена во рамки на проектот на УНДП  за поддршка на локалните власти во справувањето со мигрантската криза за кој од страна на јапонската влада беа донирани 80.000 американски долари.

,, Она што навистина претставува одлична вест за нас е што со оваа замена што сега се изврши се работи за поставување на нови пумпи, три овој пат и кои имаат многу поголема издашност на водата и самата реконструкција која што предвидуваше замена на пумпите и зголемување на моќноста и зголемување на целиот систем и подобрување,,. Вели Луиза Винтон

За градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов реализацијата на овој проект ќе продонесе многу за обезбедувањето на квалитетна вода за пиење, поле на кое веќе интензивно се подготвува уште еден проект.

,, Очекуваме после Божиќните празници да отпочне со изградба новиот водоводен систем за снабдување на општина Гевгелија. Исто ќе експлоатираме бунари од бунарското подрачје покрај Вардар, комплетно еден нов систем кој што со средства подзаем од Светкла банка и средства од ИПА  грант кој што го добиваме.,, рече Иван Франгов – градоначалник на Гевгелија

Водоснабдувањето не е единствената област во која Гевгелија ќе добие помош од УНДП.

Зголемениот транзит на бегалците низ овој регион го зголеми притисокот врз локалните јавни услуги, вклучувајќи го и управувањето со отпадот во општините Гевгелија и Куманово.        

За надминување на овие проблеми, владата на Јапонија донираше вкупно 2,225,000 американски долари со кои ги поддржа напорите на УНДП за справување со приоритетните потреби.

Во моментов се спроведува проценка за влијанието врз животната средина за изградбата на нов објект за управување со отпад , чија што вредност се проценува на еден милион американски долари, кој во целост ќе биде во согласност со стандардите на Европската унија. Градежните активности треба да завршат до крајот на 2017 година.