Живот
21. April 2018 - 21:11

Габична инфекција: 4 чести навики што ја предизвикуваат оваа непријатна болест

Габичната инфекција е еден од најчестите гинеколошки проблеми кај жените. Жените неретко се жалат на константното враќање на воспалението, а не им е јасно зошто се случува тоа. Помалку познат податок е дека и секојдневните навики може да предизвикаат развој на габична инфекција. Не постојат конкретни мерки што би можеле да ве заштитат од оваа непријатна и честа болест. Но ако сакате да го намалите ризикот од појава на габична инфекција, одбегнувајте ги следниве 4 секојдневни навики…

1. Консумирање голема количина на храна или пијалаци што содржат квасец или шеќер
Кога консумирате храна што содржи шеќер и квасец, овие состојки стигнуваат во крвотокот, а потоа и во вагината. Габата се храни со шеќер и скроб. Пивото и виното содржат квасец и шеќер, па затоа претераното консумирање алкохол може да предизвика појава на габична инфекција. Ако сте склони кон габични инфекции, бидете умерени во консумацијата на благи работи, сирење, печурки и ферментирана храна.

2. Пречесто пиење антибиотици
Антибиотиците можат да ги убијат бактериите кои предизвикуваат болест, но може и да ги уништат добрите бактерии кои ја одржуваат киселоста во вагината. Кога нема доволно лактобактерии, вагината не е доволно кисела, па затоа се зголемува можноста за појава на габична инфекција.

3. Земање одреден вид контрацепција
Габичната инфекција е почеста појава кај корисниците на хормонска контрацепција. Во тој случај, се препишува контрацепција со помала доза на естроген. Но, придобивките од хормоналните контрацепциски средства значително ги надминуваат проблемите што ги предизвикува габичната инфекција, па затоа речиси никогаш не е потребно да се откажете од земањето хормонска контрацепција.

4. Носење претесна и мокра облека
За да може габата да предизвика инфекција, средината мора да биде топла, влажна и недоволно кисела. Кога половиот орган „не дише“, тоа може да ги зголеми шансите за појава на габична инфекција. По физичките вежби и пливањето препорачливо е да облечете сува и чиста облека.