Функционерските плати ќе пораснат од 300 до 500 евра, за Ковачевски и Спасовски апанажа од 2.500 евра
Нов раст на функционерските плати. Зголемувањето ќе биде од 300 до 500 евра, во зависност од позицијата. Па така, шефот на државата ќе зема околу 3 илјади евра плата, слична сума и премиерот, а пратениците над 2 илјади евра.
Откако лани платите пораснаа за 78%, Владата најави дека сама ќе ги скрати платите, па се премисли и формираше работна група, денеска техничкиот премиер кажа дека пресметката не може да ја регулира секој.
„Методологија на пресметување на плата е, и не е работа дали е за функционерите или не. Тоа е методологија која ќе се спроведе со оглед на заклучокот на статистика по однос на бројките коишто произлегуваат од минатата година. Тоа не е работа што може да кажете дека може да го регулира овој или оној“ – Талат Џафери, технички премиер
Ваквото зголемување ќе биде редовно секоја година, оти Уставниот суд ја укина фиксната основица, па сега, како расте просечната плата, така ќе растат и платите на министрите, судиите, обвинителите, градоначалниците...вкупно 1.060 функционери.
Во меѓувреме, собраниската Комисија за избори и именувања ги усвои барањата за апанажа на Ковачевски и Спасовски. Поранешните премиер и министер за внатрешни ќе земаат функционерски плати од 2.500 евра цела година, иако си поднесоа оставки заради техничката влада. На Ковачевски му е одобрено и службено возило. Решенијата се усвоени тивко, без никаква дебата во Собранието.
Од друга страна, пред пратениците денеска е ставен предлогот за изменување на Законот за судска служба по скратена постапка. Со измените се предлага трансформирање на минималецот од основна плата - во дополнителни бодови за звање. Oстро се спротивставија од независниот синдикат на судската администрација.
„Ова е срамен потег на владата, да ги турка овие законски измени во предизборен период. Се работи за покачување на плата за 2 илјади денари за вработени кои како основна плата земаат минимална плата. Ги повикуваме пратениците да не ги гласаат овие законски измени и да не заборават дека за многу брзо ќе треба да се сретнат со нас, да не погледнат во очи и да бараат повторно да ги гласаме“ – Јасмина Величкова, претседателка на независен синдикат на судска администрација
Гласање чекаат и четирите закони за администрација со европско знаменце кои беа предложени од претходниот министер за информатичко Алиу.
За еден од овие закони, реагираа синдикатите и опозицијата, кои рекоа дека ако се изгласа, платите на административните службеници нема да се усогласат со порастот на минималната плата во март.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар