Македонија
28. February 2024 - 16:43

Функционерите со 78% покачување ќе добијат К-15 за три години, тврди УПОЗ

По повисоките плати, функционерите ќе може да добијат и к-15 за три години, вели УПОЗ. Апелациониот суд Битола одлучил дека судија од основниот суд треба да добие регрес од 27 илјади денари за три години, со камата. Судот сметал дека судијата и покрај тоа што е избран функционер, сепак е вработен и мора да ги добие парите, тврдат од УПОЗ. Барањето за исплата на регресот било усвоено од судскиот буџетски совет пред два дена. Според синдикатите, ова значи дека сите функционери ќе треба да добијат к-15 оти сите се вработени во државните институции и таму им тече стаж.

„Тоа би значело дека сите избрани и именувани лица би го остварувале правото на регрес за годишен одмор со што ние како синдикат не се согласуваме затоа што во опфатот на гранскиот колективен договор за избраните и именувани лица овој колективен не се однесува. Сметам дека тоа право не треба да го уживаат истите“ – Бојан Трипуноски, УПОЗ

Оваа одлука следи во период кога се прави обид функционерските плати да не се зголемат со растот на просечната плата.

Пратениците од СДСМ веќе доставија предлог до Собранието за измена на 6 закони и најавија дека со спуштање на коефициентите, платите на функционерите нема да се зголемат, но нема да се намалат.

За потребата од законски измени по скратена постапка зелено светло дадоа 94 пратеници. Сега предлозите треба да ги поминат комисиските филтри и да се гласаат на пленарна седница.

Сепак, дискутабилно е како платите ќе останат на сегашното ниво, кога коефициентите се намалуваат минимално, а просечната плата незапирливо ќе расте секоја година.

Владата не ги скрати платите, иако најави уште лани, а откако Џафери стана технички премиер, на оваа тема воопшто и не се разговарало. Тоа го потврдија и Велковски од ВМРО-ДПМНЕ и Битиќи од СДСМ.

„На тие седници кај што сум бил присутен немало такви дискусии, ниту има заклучоци по тоа прашање“ – Ѓоко Велковски, технички министер за труд и социјала

„Не се дискутирало на сегашниот состав на Влада, тоа значи со новиот технички премиер“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Битиќи открива дека порано на владините седници се дебатирало за намалување на платите, но договор немало оти сите министри не биле сложни да си ги скратат примањата.

„Едноставно немаше разбирање од сите чинители кои се дел од Владата. Јас стојам на ставот дека ако се прашав јас ќе требаше да се вратиме во целосно нова методологија како што ја имаат работниците во јавниот сектор, ама јас сум еден од 20-те министри“ - Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Здружението на судии остро се спротивстави на најавата за кратење на коефициентите. Бараат предлогот итно да биде повлечен.

„Наместо очекуваното зголемување на коефициентот договорен низ шест-годишен дијалог на ЗСРСМ и Владата на РСМ, денес сме сведоци на суспендирање на договореното, сега веќе со образложение дека е обезбедено издржливо уставно решение. Здружението на судиите ќе ги употреби сите можни правни и останати средста за суспензија на овие евентуални законски измени, кои ги доведуваат во прашање загарантирани лични примања на судиите“.

Уставниот суд лани на одмрна фиксната основица, со што платите на над илјада функционери пораснаа за 78%