Фудбал
27. јуни 2016 - 12:46

Франц: Можеме против Будуќност

Фудбалерите на Работнички утревечер во рамките на Лига Европа го играат првиот дуел со екипата на Будуќност во рамките на првото квалификациско коло. 

Стартот е во 18ч. на Филип Втори. Во пресрет на  првиот дуел  „романтичарите“ одржаа прес конференција на која ги најавија своите амбиции во овој двомеч. 
Шефот на стручниот штаб Томислав Франц  информираше дека екипата е драстично подмладена со заминувањето на голем број стандардни фудбалери:
„ Ова е сосем нов тим, драстично подмладен но сепак имаме квалитет да се пласираме во следното коло. Од Блаже Илијоски, Милан Илиевски , Борче Маневски и другите кои успешно настапија во ланското издание на Лига Европа  денеска недостасуваат речиси 10-тина играчи. Дел од младите веќе ги знаете бидејќи играа во финишот од првенството. Тука се уште неколку нови имиња кои треба брзо да се вклопат во нашата игра и токму нивната  младост очекувам да биде наш адут, да играат поагресивно, помотивирано против Будуќност екипа која е сигурно големо име на екс-југословенскиот фудбал, екипа која дава голем број репрезентативци во црногорскиот фудбал  и како таква е предизвик за нас“- изјави Франц пред новинарите. 
Првиот стратег на „романтичарите“ најави дека  Алтипармаковски иако заминува во Интер Запрешиќ сепак ќе ги одигра двете средби со Будуќност а за потоа не се знае.
Нов капитен на тимот е Душан Трајчевски:
„Секогаш  како дете сонував да бидам капитен на некоја екипа и еве овој сон ми се оствари. Со моите соиграчи посакуваме било каква победа на првата средба со Будуќност иако најдобро би било тоа да биде без примен гол“- најави Трајчевски.