Бизнис
5. јуни 2023 - 21:16

Фондот и финансии тврдат нема проблем, но нема ниту пари на сметките на граѓаните

Втор ден нема одговор зошто доцнат исплатите за породилните отсуства, боледувањата и грижата за туѓа нега. Од Фондот за здравство велат ние сме чисти.

„Тековно и без застој се изработуваат спецификации за исплата на надоместоците. Предметните спецификации тековно се доставуваат до Министерството за финансии, за нивна исплата. За периодот од 1ви до 31 ви мај, за предметните надоместоци вкупно се исплатени околу 380 милиони денари.“

Од министерството за финансии, пак, за Сител велат дека буџетот е ликвиден и сите обврски се сервисираат на време.

„Редовно се исплаќаат правата од социјална заштита кои се буџетирани во Министерството за труд и социјална политика од каде се врши трансферот до корисниците. Посочуваме дека налозите кои се иницирани до трезорот во Министерството за финансии се обработуваат и реализираат  во рамки на предвидените рокови.“

За социјалните трансфери под министерството за труд процедурата е почната и парите ќе бидат исплатени деновиве, велат оттаму. Утре треба да се исплатат социјалната и детската заштита.

Се уште не е исплатена ниту помошта за 30-ина раселени семејства од конфликтот во 2001-ва. И кај нив парите ќе легнеле на сметка деновиве. Тие може да останат на улица оти немаат пари да платат кирија, а газдите им рекле дека ќе ги избркаат ако не платат до петок. 

„Газдите викаат нема пари на сметка, да го напуштиш станот. Тие што ги имавме оставено за депозит, ќе се искористат за плаќање сметки. Ние нема кај да одиме. 23 години тапкаме во место, од наш имот без ништо останаваме“ - Андронита Јовановска, координатор на раселените лица.

И раселените неколкупати во МТСП прашале зошто им доцни исплатата и кога ќе ги дoбијат парите – но одговор не добиле.