Балкан
6. July 2021 - 12:39

Фон дер Лајен во Загреб ќе го претстави Планот за обновување

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в четврток ќе допатува во Загреб, откако Комисијата го одобри Националниот план за обновување на Хрватска, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Тој истакна дека Фон дер Лајен одлучила лично да го претстави Националниот план за обновување на секоја од 27-те земји членки.

Според Пленковиќ, „зелено светло за планот за обновување од 6,3 милијарди евра е важно охрабрување“.

– Задоволни сме од завршувањето на процесот порано од очекуваното, додаде хрватскиот премиер.

Хрватскиот план е структуриран во околу пет компоненти – зелена и дигитална економија, јавна администрација и судство, образование, наука и истражување, пазарот на трудот, социјалната заштита и здравствената заштита. Тој вклучува и иницијатива за реновирање на згради.