Финансиска поддршка од холандската Влада за имплементација на Истанбулската конвенција
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и в.д. амбасадорот на Холандија во земјава, Андри ван Менс денеска потпишаа Договор за финансиска поддршка од холандската Влада во висина до 9.144,300 денари за реализација на активности во рамки на Националниот акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција.
– Многу ми е драго што нашите напори како Влада и Министерство за справување со родово базираното и семејно насилство се видливи и препознаени. Им благодарам на нашите пријатели и партнери од Холандија за оваа значајна поддршка. Борбата за еднаквост и заштита на сите ранливи категории останува наш врвен приоритет. Во таа насока подготвуваме нов закон за превенција и заштита од сите форми на насилство врз жената, кој се очекува да биде финализиран до крајот на годината. Со овој закон за првпат ќе биде воспоставен еден севкупен систем и мултисекторски пристап кон превенцијата и заштитата од насилство, изјави Царовска.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, со овие средства се предвидени активности неопходни за успешно спроведување на Истанбулската конвенција во земјава. Конкретно, ќе се изработат стандарди за давање на специјализирани услуги на жртви на родово-базирано и семејно насилство и стандардни за оперативни процедури. На овој начин ќе се обезбеди поефикасна заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство, како и навремена и соодветна интервенција на надлежните служби.
– Промоцијата и унапредување на владеење на правото и човековите права, вклучително и правата на жената во целиот свет е носечки столб на холандската надворешна политика. Личната и општествената цена на насилството врз жената е преголема. Истанбулската конвенција дава силен поттик за превенција и борба против семејното насилство и насилството врз жените. Токму затоа, горд сум што можеме да придонесеме кон тековните активности на Владата, особено на Министерството за труд и социјална политика, за справување со овие појави преку системски и сеопфатен пристап, заедно со граѓанското општество и останатите релевантни чинители во оваа област, изјави Ван Менс.
Дополнително, ќе се спроведат општи и обуки за даватели на специјализирани услуги на жртви на родово базирано и домашно насилство. Како резултат на тоа ќе има 15 обучени национални тренери, кои ќе можат понатаму да обучуваат дополнителни кадри. Ќе се спроведат општи обуки за родово базирано и семејно насилство што се наменети за повеќе целни групи, а ги вклучуваат вработените од основно и од средно училиште, воспитувачи и негуватели, стручни работници од социјалните центри, полициски службеници, здравствени работници, судии и јавни обвинители.
Благодарение на овие обуки, кои ќе се реализираат во текот на годинава и во 2020 година, ќе се зајакне принципот на еднаквост во општеството, ќе се детектираат специфичните проблеми и потреби на жени од различни ранливи групи, приспособено на областа што ја покрива соодветната институција, информира Министерството за труд и социјална политика.
Ново на Сител
-
Нови правила на „Евровизија“
-
Како се постигнува автентична харизма?
-
АЕК планира приходи од 572.550.000 денари, од кои 460 милиони од надомест за користење радиофрекфенции
-
Историјатот на носењето брачен прстен
-
Австралијци казнети за лажирање рак кај своето дете
-
АПЕЛ ЗА ПОМОШ на 5 мали дечиња од Кичево, татко им починал во сон, мајката ги напуштила
-
Серија земјотреси на Света гора – најсилниот 4,6 степени
-
Македонија денеска ги дознава своите ривали на патот кон Светското првенство во 2026 година