Finance Think: ФПИО не може да издржи покачување на пензиите надвор од законот - Платите на функционерите мора да се вратат на старо
Фондот за пензиско не може да издржи линеарно покачување на пензиите, како што бараат пензионерите, смета Институтот за економски анализи, Фајнанс Тинк.
Според Институтот, Фондот не може самиот од себе да се издржува, па државата мора да реагира преку државниот Буџет. Во публикацијата која ја објавија се вели дека уделот на буџетските во вкупните приходи на Фондот во последните години се намалуваат, но својот пик го доживеале во 2017 година.
- Тоа значи дека половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата. Во голема мера тој тренд беше движен од слични ситуации како оваа, кадешто покрај еднократното зголемување на пензиите, речиси сите редовни усогласувања на пензиите беа поголеми од порастот на економијата и пензиите. Значи, таквите практики на раст на пензиите кои излегуваат надвор од законското усогласување се покажаа дека се неодржливи.
Сепак, според Фајнанс Тинк, барањата се легитимни поради подгревањето на состојбите, особено растот на цените и зголемувањето на платите на функционерите за 78%. Затоа, Институтот бара тие да се вратат на старото ниво.
- Едно од таквите подгревања е зголемувањето на платите на избраните и именувани лица коешто до доведе до еден кумулативен раст од 78%. Потег кој предизвика барања за пораст на примањата од различни општествени категории и сметаме дека владата треба да изнајде решение за воспоставување на првобитната состојба. Се со цел да не имаме вакви состојби на дополнителни барања од различни категории, вели Петрески.
И премиерот Ковачевски е на став дека Фондот не може да издржи линеарно зголемување на пензиите. Вели дека не може иста пензија да земаат некој што имал 15 години стаж со минимална плата и некој што плаќал 30 години стаж на многу поголем износ.
- Фондот за пензиско осигурување е Фонд на осигурениците. Тоа е нивен Фонд. Државата дотира од изврните приходи на буџетот за да може тој да функционира непречено. Доколку се реализира такво нешто, тоа би значело дополнителен трошок на Фондот за пензиско осигурување приближно од 220 милиони евра. Тој нема да го издржи тоа, вели Ковачевски.
И додека пензионерите најавуваат радикализација протестите, Владата, според нејзините претставници, формирала работна група која треба да ја утврди висината на најниската исплатена пензија во државата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар