Филмови од Манчевски и Ѓоковиќ во официјалната програма на фестивалот во Нанси

Два краткометражни филма на македонски режисери - „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски и „Еклер“ во режија на Марко Ѓоковиќ, се селектирани во официјалната натпреварувачка програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, Франција, кој ќе се одржува од 25 август до 3 септември 2017.
Новиот филм на Манчевски, кој е кубанско-американска копродукција, е во новата натпреварувачка селекција на фестивалот од Нанси – ЛАБО за експериментални филмови, јави дописникот на МИА од Париз.
„Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.
- „Крајот на времето“ е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во киносала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и судираат, овојпат на минималистички начин, има изјавено Манчевски.
Филмот е снимен во Сан Антонио де Лос Бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции која почна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји.
Милчо Манчевски не и е неопзнат на публиката на Меѓународниот филсмки фестивал од Нанси, која важи за една од најпребирливите во Франција. Таа досега имаше можност да ги види неговите два долгометражни филма „Пред дождот“ и „Мајки“, како и карткометражниот фиклм „Четврток“ кој беше прикажан веднаш по проекцијата на фестивалот во Венеција.
Вториот краткометражен филм е „Еклер“ во режија на Марко Ѓоковиќ, кој е во меѓународната селекција. Филмот ја третира приказната за синот на готвачката од Маршаловата вила, кој по десет години добива шанса да ја вкуси храната што цел живот гледа како се готви, а не смее да ја допре. Во главните улоги настапуваат Давид Тодосевски, Дина Јовевска, Звезда Ангеловска, Игор Ангелов, Борис Дамовски, Горан Трифуновски, Емил Костовски и Сара Климоска.
До организаторите на фестивалот од Нанси годинава беа испратени вкупно 2352 краткометражни филмови од целиот свет, од кои само седумдесетина се наоѓаат на фестивалската програма.
Со Меѓународниот филмски фестивал во Нанси од 2013 година претседава македонскиот новинар Тони Гламчевски, кој ја има и функцијата на главен програматор на фестивалот. Тој за МИА изјави дека му претставува задоволство за изборот на македонските режисери бидејќи првпат во натпреварувачка селекција во оваа категорија на фестивалот ќе има македонски автори во 23-годишната историја на фестивалот.
На Меѓународниот филмски фестивал во Нанси се прикажуваат околу 150 филмови, од кои половината се краткометражни во различни натпреварувачки категории, посебна селекција за млада публика, има натпреварувачка европска селекција на документарни долгометражни филмови, престижната селекција „Под ѕвездите“ - проекции на отворено, за која се дава наградата на публиката. Минатата година наградата ја доби „Џипси меџик“ на Столе Попов.
Годинава фокусот на фестивалот е Латинска Америка и популизмот, со посебна перспектива на германофонски филмови и на филмови од пограничниот регион на Источна Франција, Германија, Луксмебург и Белгија.
Ново на Сител
-

Филипче: Како Бугарија ни го загрозува идентитетот?
-

Одбележан 5 мај – Ден на македонскиот јазик
-

Филипче и Мицкоски различно гледаат на економската состојба во државата
-

Внимавајте: Лажни пораки за наводен сообраќаен прекршок се испраќаат од странски број
-

Породилно од 9 на 12 месеци – има ли простор за ваква мерка?
-

Пожар во Визбегово – ставен под контрола, но активен
-

Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, Македонија има најниски цени на бензините
-

Се одбележува 5 Мај - Денот на македонскиот јазик
