Македонија
16. October 2024 - 16:49

Филков: Пензија на 67 години за судиите и обвинителите за поефикасно судство

Судиите и обвинителите да одат во пензија на 67 години, министерот за правда Филков планира законски измени со кои ќе се зголеми старосната граница за пензија за овие кадри. Причината е недостатокот на судии и јавни обвинители во државата, што се одразува врз постапувањето на предметите.

Со цел да се овозможи ефикасно работење и навремено решавање на предметите, планираме да се пристапи кон законски измени во однос на границата за пензионирање на судиите и јавните обвинители од причина што имаме константно намалување на бројот што се одразува на постапувањето по предмети и изготвување на квалитетни одлуки. / Ние веќе работиме на измените, мислам дека предложената граница ќе биде 67 години.

Следниот месец започнуваат и дебатите за Законот за судски совет и Законот за јавно обвинителство, кои ќе бидат јавни и ќе се бара најприфатливо решение. Во дебатата за Судски совет ќе има нова работна група, а според Филков и Судски совет и ЈО мора да бидат ослободени од политичко влијание.

Но препораките од оценската мисија за Судскиот совет, министерот за правда не ги поседува. Ова го истакна како голем предизвик, бидејќи неговиот претходник Кренар Лога, си го земал извештајот. Но Филков, го нема побарано извештајот од Лога. Вели се потпираат на електронски верзии од документот, но ќе бараат одговорност.

Во отчетот за 100 дена работење на министерот Филков, истакна дека министерството го начекал со целосно испразнет кабинет од документација, но преполн со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети и неплатена фактура од близу 1.000.000 денари.

Непостоење на евиденција за добиени и користење на мобилни телефони, лаптопи и електрични скутери од неговиот претходник Лога.

Екс министерот Лога го обвини Филков за ширење невистини, писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат, а набавката на сите материјали, телефони лаптопи се користат моментално во министерството со кое раководи Филков.

Писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат, исто како што го добија и вицепремиерот Маричиќ, претседателот на судски совет Сашко Георгиев и други. Еден дел од писмото беше наменет за јавноста, додека другиот беше класифициран само за министерот. Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали, но, нормално, Радица не може да го добие додека нема безбедносен сертификат. Истото писмо, со дозвола на мисијата, е споделено и со работната група, односно со претседателот академик Владо Камбовски.

За изборот на нов директор на академијата за судии и јавни обвинители, Филков не кажа како гласал нивниот претставник. Директорот го избирал управниот одбор на академијата и не сакаше да коментира кој и како гласал. Неговиот став е дека академијата треба да се врати на старите патеки кога не се занимавала со коруптивни скандали и отаму излегувале квалитетни кадри.